Андерс Рослунд, писател: Знам што значи да се бориш за секоја преведена книга

Ова е моја прва посета на Македонија и по долги години патувањa на саеми на книги од Лос Анџелес до Рејкјавик, од дното на душата сум почестен што можам да го посетам и Саемот на книгата во Скопје, вели Рослунд

Во својата работа користам многу фантастични истражувачки алатки на новинарството. Можам да сретнам криминални банди во Стокхолм или нарко-босови во Колумбија или бездомници кои живеат во тунели на 20 метри под градските патишта, да ги претворам во ликови во моите книги, да ја добијам нивната доверба, да бидам дел од нивниот свет… Никогаш немаше да биде возможно ако појдев таму со камера и пенкало, вели шведскиот писател Андрес Рослунд кој денововие престојува во Скопје. Рослунд (1961) е новинар и писател. Автор е на трилери и на криминалистички романи. Досега има објавено десет книги како дел од успешните писателски дуети Рослунд и Хелстром и Рослунд и Тунберг. Пишува и под псевдонимот Антон Свенсон. Добитник е на многубројни престижни меѓународни награди. Утре напладне на штандот на „Антолог“ во арената „Борис Трајковски“ во Скопје тој ќе има средба со читателите.

Андрес Рослунд

Доаѓате во Скопје на Саемот на книга 2024 како гостин на издавачката куќа „Антолог“. Сте биле ли досега во Македонија? Имате ли некакви првични информации за оваа земја?

– Ова е моја прва посета на Македонија и по долги години патувањa на саеми на книги од Лос Анџелес до Рејкјавик, од дното на душата сум почестен што можам да го посетам и Саемот на книгата во Скопје. Возбуден сум да ги запознаам читателите на јазик кој е толку различен од мојот. Исто така, очекувам помеѓу книжевните настани да прошетам низ градот, да се прикрадам во некое кафуле и само да гледам и слушам. Најсреќно се чувствувам кога барем за момент ќе се преточам во некоја нова средина, сфаќајќи дека сите сме дел од ова чудно место наречено Земја.

Новинар и писател, две професии кои често одат во тандем и очигледно добро функционираат и се надополнуваат. И двете се 24-часовни професии, занимања кои не спијат. Колку новинарот влијае на писателот, а колку писателот го гради стилот на пишување на новинарот?

– Чудното е што иако бев репортер во најголемиот информативна редакција во нордиските земји, дури подоцна открив дека користењето на фикцијата, лаги и измислени заплети, повеќе ме приближува до вистината. Ајде вака: Бев мало дете кое се обидува да ги сфати последиците од насилството – таа страшна алатка која една личност ја користи за да воспостави контрола врз друга личност, да ја натера да биде послушна, да го прави тоа што сака личноста што го користи насилството. Затоа како млад човек во слободно време работев како службеник за условни казни. Тоа е личност која се обидува да му помогне на затвореникот да се подготви за реалниот живот, за слободата. Јас секогаш работев со насилници, тие беа мојата мисија. Подоцна, како новинар и ТВ-репортер, го направив истото – се фокусирав на последиците од насилството, обидувајќи се да раскажам вести за мотивите на сторителот и патот назад за жртвата на криминал, пред сè како треба да избегнеме повеќе сторители да извршат злосторствата во општеството за да се избегнат жртви. Затоа и почнав да пишувам книги во криминалистичкиот жанр, обидувајќи се да пишувам возбудливи и напнати романи базирани на формулата 50 отсто вистина, 50 отсто лаги, што значи половина фикција, половина факти, и секогаш вклучувам различните аспекти кога станува збор за некакво злосторство. Јас сум за вистината – за заплетот, за приказната, за забавата, но и секогаш се занимавам со реалното, му пружам рака на читателот да ми се придружи во свет кој не е толку познат за многумина.

Сè уште користам многу фантастични истражувачки алатки на новинарството и – сега се враќам на почетокот на овој долг одговор – можам да сретнам криминални банди во Стокхолм или нарко-босови во Колумбија или бездомници кои живеат во тунели на 20 метри под градските патишта, да ги претворам во ликови во моите книги, да ја добијам нивната доверба, да бидам дел од нивниот свет… Никогаш немаше да биде возможно ако дојдев таму со камера и пенкало. Сега, како писател, можам слободно да зборувам и да се движам, објаснувајќи им како мешам пет личности во една, пет различни животи во еден, животи кои се вистинити, но само на овој начин може да станат видливи за јавноста.

Велите дека пишувањето Ви помогнало да надминете многу препреки, како осаменост и други предизвици со кои се соочува модерниот човек. Како книжевноста Ви овозможи да се справите со осаменоста повторно во еден изолиран, осамен процес како што е пишувањето?

– Навистина не ми се допаѓа повеќе да бидам сам. Тоа е чувство што ме јаде однатре. Некогаш беше поразлично, можев да го минувам целото време сам, во мојата глава, но растејќи сфатив дека луѓето зависат еден од друг. Претпоставувам дека полека созреав на тој начин, откривајќи зошто ни е потребна вистинска љубов и да се чувствуваме безбедно. Што, очигледно, може да звучи чудно зошто на крајот сум ја избрал оваа многу осаменичка професија.

Но, во денешно време, без да ги разбивам односите повеќе, најголемо задоволство ми е да тргнам од дома до моето студио за пишување кое е на пет минути оддалеченост, да го поминам денот таму со моите замислени пријатели, а потоа да можам повторно да се вратам дома кај семејството. Сакам да кажам, се разбира дека понекогаш се искраднувам од студиото и одам на кафе, разговарам со вистински луѓе – важноста на тоа стана особено јасна за време на пандемијата кога можеби за првпат навистина увидов колку сум зависен од надворешниот свет. Влегувам и излегувам од него како што сакам, кога ми одговара. Потоа, одеднаш, не беше можно да отидам во моето омилено кафуле и да разговарам некое време. Не беше можно да ја надоместам таа осамена самодисциплина и да останам нормален. О, колку рамнотежа ни треба за да се издигнеме!

Колку е важен преводот на книжевните дела во светот, па дури и на јазик на еден мал народ, како македонскиот со нешто повеќе од 2 милиона жители?

– Преведен сум на 36 јазици и се разбира дека сум многу горд на тоа, од нив неколку се големи јазици кои допираат до многу читатели. Секој искрен автор сака да комуницира со што е можно повеќе читатели – но секогаш сум најгорд кога ги гледам моите книги преведени на помали јазици. Шведскиот е исто така мал јазик и знам колку голем предизвик може да биде да се бориш за секоја преведена книга, да ја пробиеш целосно на пазарот и да стигнеш до читателите, потребно е многу повеќе љубов, посветеност и амбиција за објавување книги на пазарите со помалку потенцијални читатели. Иако, тоа да бидам преведен, никогаш не го размислував кога почнав да пишувам – мојот сон беше еден ден да ја видам мојата прва книга на излогот на некоја книжарница во мојот мал роден град. Долго време потоа, светот тропна на мојата врата, што е фантастична привилегија.

Фото: Емил Еиман-Рослунд

Сподели