Предисториски предмети од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци се дел од археолошката изложба „Првите благородници во Европа“ која деновиве беше отворена во Канадскиот музеј на историјата во Гатино, Отава. Во поставката се застапени 700 други наоди од Балканот преку кои се претставува клучната улога на овој регион во долгата и комплексна трансформација од најраните земјоделски заедници до првите европски кралства. Ова е последна поставка од изложбената турнеја низ Северна Америка.

Според Гоце Наумов, археолог и национален координатор на изложбата, изложбата е дел од проектот „Првите кралеви на Европа“ иницирана од Филдовиот музеј во Чикаго, во соработка со 27 музеи од 11 балкански земји. Во неа како македонски претставници учествуваат Заводите за заштита на спомениците на културата и музеи од Битола и Прилеп и Музејот од Гевгелија.

– Изложбата воедно претставува и првото презентирање на македонското културно наследство во Канада, што секако е можност за канадските граѓани, но и за македонската дијаспора, да се запознаат со функцијата и значењата на некои од најекслузивните предисториски предмети во Македонија. Имајќи го предвид реномето и високите стандарди на Канадскиот музеј на историјата, оваа изложба е изведена со извонреден дизајн кој ги вклучува посетителите во автентичниот амбиент на секој од предисториски периоди (неолит, енеолит, бронзено и железно време). Таа ќе биде отворена до јануари 2025 година и се очекува да ја видат повеќе стотици илјади посетители, што воедно е извонредна можност да се претстави македонското културно наследство пред многу поширока публика – вели Наумов.

Изложбената турнеја на „Првите кралеви во Европа“ почна во 2022 година во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 година беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго. Овој проект е најголемо претставување на балканската предисторија во светот досега, што предизвикува многу големо внимание меѓу стручната и пошироката јавност. За потребите на изложбата публикувани се екслузивен зборник и каталог, а во кои како автори се вклучени и македонски археолози.






