Актерката Зорица Нушева полесно се повреди на изведбата на „Жени во Собрание“

Актерката Зорица Нушева синоќа полесно се повреди за време на изведбата на претставата „Жени во Собрание“ на Театар „Комедија“ во Скопје. При крајот на претставата таа се повредила употребувајќи сценски реквизит, а публиката воопшто не забележа. Од Театарот велат дека Нушева е добра, се работи за полесна повреда и таа брзо ќе закрепне.
Останатите пет актерки ја завршија сцената, а суфлерката излезе и ѝ соопшти на публиката дека поради повреда на една од актерките, претставата се прекинува. Интерактивната концепција на претставата сосема ја остави публиката збунета, некои аплаудираа за да ја наградат соодветно одличната екипа, други чекаа сметајќи дека сцената е дел од самата претстава. Дури и амбулатнтското возило паркирано пред влезот на театарот делуваше како можен завршеток на претставата.

Не попусто цело Скопје шепоти – мора да ја гледате „Жени во Собрание“ на Театар „Комедија“. За само една недела пет изведби на претставата исклучително напорна за изведба, во режија на Ќендрим Ријани и шесте брилијантни актерки, која од која поуспешна во улогата што ја носи на сцена. Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова-Николова, Благица Трпковска и Ангела Стојановска немаат хемија, туку создаваат алхемија на сцена. Претставата по мотиви на Аристофан, според препев на проф. д-р Валериј Софрониевски и според текстови на Билјана Крајчевска е фантастично адаптирана на секојдневието денес.
Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф – Ивана Каранфиловска Угуровска, а кореограф – Олга Панго. За музичката изведба се погрижи Јетмир Мехмеди, а автор на плакатот е Медина Хоџа.

Сподели