Уште во првата година јас освен во Рим, настапив и во Будимпешта и во Клагенфурт. Веќе во Будимпешта пеев со колеги кои дотогаш ги имав на цедињата дома. Следната година настапував во Јапонија – вели тенорот Благој Нацоски
Се сеќавам дека кога го запознав мојот прв менаџер пред повеќе од 20 години, во таа прилика еден друг менаџер пред мене му рече дека јас ќе бидам типичен случај од оние пејачи што траат односно се испукуваат за една година и потоа ги снемува. Сосема невкусно и шокантно за мене во тој момент на само 23-годишна возраст. Резултатот е дека јас сум на сцените веќе 20 години, а тој менаџер веќе го нема никаде – низ смеа на своите почетоци се потсетува тенорот Благој Нацоски. Утревечер во 20 часот нашиот светски уметник ќе го одбележи заокружувањето на првите две децении од својата кариера со концерт на сцената на Националната опера и балет. За вистинските луѓе по патот што го изодел, за тоа што го прави да е успешен разговараме со него во интервјуто за Умно.мк.

На симболичен начин, со концерт ќе ги одбележите Вашите први 20 години од кариерата. Поминаа ли брзо?
– Поминаа ептен брзо, дури не ми е ни верно дека веќе дваесет години ги газам штиците на еден куп театри во светот. Ми беа бурни, возбудливи, напорни, но и лесни, слатки, а понекогаш и горчливи. Но секогаш полни со голема страст и посветеност. Има една поговорка која вели дека доколку вашата страст ви стане и професија, во животот нема никогаш да работите. Во секој случај, му посакувам на секој млад што започнува да се бави со пеење да го изоди барем минимум мојот пат, па и повеќе.
Самиот велите дека е рано да се зборува за големи јубилеи и затоа така си го нарековте одбележувањето – први 20 години. Може ли да се сетите на почетоците? Задоволен ли сте од патот што го изодевте низ годините?
– Да, мислам дека 25-годишнината ќе ја наречам јубилеј и тогаш би сакал уште на поголем начин да ја одбележам, можеби и со една монографија и со повеќе различни настани. Да речеме дека во 2026 ќе почнам да размислувам за тоа. Се сеќавам на почетоците многу добро, се сеќавам дека всушност не бев ни свесен што ми се случуваше. Тогаш ми изгледаше дека сето тоа е нормално и дека така функционираат нештата, дека толку лесно се дебитира на сцената на една голема оперска куќа. Потоа увидов колку сум бил среќен и дека повеќето од моите колеги се имале измачено да дојдат до тие големи театри и големи менаџерски куќи. Уште во првата година јас освен во Рим, настапив и во Будимпешта и во Клагенфурт. Веќе во Будимпешта пеев со колеги кои дотогаш ги имав на цедињата дома. Следната година пак настапував во Јапонија.
Инаку се разбира дека секогаш се може и подобро. Од патот што го изодев генерално сум задоволен, но се разбира дека имаше и по некој погрешен чекор. Битно е погрешните чекори да се увидат на време и веднаш да се реагира односно да се врати човек на вистинскиот пат.

Имавте ли во првите две децении вистински луѓе со Вас да ми помогнат низ тешкотиите, да Ви подотворат одредена врата. Без кои луѓе денес не би биле тоа што сте?
– Се разбира, пред сè моето семејство кое секогаш ме поддржувало, во секој момент, особено во оние потешките. Во Италија пак, морам да кажам дека во изминативе 25 години (вклучувајќи ги и студиите) имав навистина голема среќа да запознаам многу прекрасни луѓе, да стекнам преубави пријателства од кои има некои што траат веќе и 25 години, а пак на професионалниот пат скоро секогаш да ги среќавам вистинските луѓе во вистинското време. Моите достигнувања се разбира се должат и на тоа. Се разбира и моите професори по пеење во Рим имаат голема заслуга за многу нешта. Би рекол дека има повеќе личности што верувале во мене, моите менаџери, некои диригенти, уметнички директори на театри итн. Се сеќавам дека кога го запознав мојот прв менаџер пред повеќе од 20 години, во таа прилика еден друг менаџер пред мене му рече дека јас ќе бидам типичен случај од оние пејачи што траат односно се испукуваат за една година и потоа ги снемува. Сосема невкусно и шокантно за мене во тој момент на само 23-годишна возраст. Резултатот е дека јас сум на сцените веќе 20 години а тој менаџер веќе го нема никаде.

Имате богата меѓународна кариера, но Македонија никогаш не ја заборавате, и од време на време настапувате со Вашите колеги во НОБ, Филхармонија… Колку е важно за Вас да ја одржувате оваа врска?
– Пред сè, јас сум првенец на македонската Национална опера и балет но нашата куќа ме врзува и фамилијарно, припаѓајќи на третата генерација од моето семејство кога ги гази штиците на таа сцена. Поради тоа сум посебно приврзан и би рекол и пожртвуван за истата, што значи дека освен настапите јас „работам“ за НОБ и на секој друг можен начин и секогаш кога ми е побарана помош од истата, особено околу моите меѓународни врски, сум на располагање. Со Филхармонијата имаме убава соработка. Но се разбира врската со Македонија е пред сè публиката, која ја чувствувам особено блиска. Среќен сум кога настапувам тука и кога успевам дури и да донесам за прв пат на опера некој што никогаш не бил.
Што Ве очекува во оваа година професионално? Кои улоги, настапи?
– Ме очекува доста бурна година. Не очекував дека веднаш по пандемијата ќе бидам толку многу ангажиран, ми се случува многу често во последно време и да одбивам настапи поради пребукираност. Ќе настапам во Катанија, со седум претстави и тоа во операта „Адријана Лекуврер“, за прв пат за мене. Потоа следува „Норма“ во Џенова, „Травијата“ на Мајските оперски вечери во Скопје, два концерти со македонска музика во Италија, како и ред други концерти со камерна музика, турнеја низ Јапонија со операта „Травијата“ и со концерти, „Турандот“ во Бари. Се надевам дека ќе најдам време да ги снимам и двете цедеа што ми се понудени, едно со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт и другото со арии и дуети од Доницети.

Гледате ли Ваш наследник во Македонија на оперската сцена?
– Мислам дека во Македонија има многу талентирани млади пејачи, потребно е само добро да се насочат и да го фатат вистинскиот пат. Се надевам да има повеќе наследници, во смисла дека сакам да видам што повеќе Македонци на светските сцени, па уште и ако настапиме и заедно би било прекрасно. Од моја страна расположеноста за давање совети е секогаш присутна и стојам на располагање на младите таленти. Би додал уште нешто, во оваа професија не е доволен само убавиот глас, потребни се повеќе елементи за да се биде успешен: музикалноста, харизмата, сценските способности, подготвеноста за ризик односно храброста, познавањето на повеќе странски јазици, етичкиот однос кон колегите и кон театрите и сл. Секој што сака да успее во истата треба да ги поседува овие карактеристики, да ги негува односно развива.






