Актерите му се адут на македонскиот театар – бидете репертоарски похрабри и режисерски поинвентивни!

Недостигаат повеќе истражувачки пристапи, зашто фестивалската публика  тоа го заслужува – рече Јанко Љумовиќ, претседател на жирито на МТФ „Војдан Чернодрински“

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ го заокружи своето 57. издание. На радост на театарските уметници, со желба за да се покаже што се сработило, но и да се сподели искуство, знаење, заемната љубов кон оваа уметност. Тркалезните маси кои годинава му се вратија на фестивалот беа убава можност гостите на фестивалот, претежно актери, по некој режисер, театролог да споделат мислење за теми што ги окупираат. Вистински потег се покажа одлуката на уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска, да покани во жирито врвни театарски имиња што значат многу за театарот во регионот – продуценти, менаџери на фестивали со долгогодишни традиции, за едноставно, некој да не’ види со други очи. Што видоа, каков е македонскиот театар и како да биде подобар?

Милош Латиновиќ (лево), Јанко Љумовиќ, Мирослав Радоњиќ

М-р Јанко Љумовиќ, претседател на жирито, е вонреден професор на Факултетот за драмски уметности во Цетиње од 2001 година. Од 2008 до 2015 година бил директор на Црногорско народно позориште и министер за култура во Владата на Црна Гора 2016 и 2017 година. Автор, уредник и коуредник е на преку десет стручни монографии, книги со есеи и зборници. Неговото основно поле на работа е во сферата на современата театарска продукција на претстави и фестивали, менаџмент во културата, како и културните политики.

Според него, не постојат големи разлики во театрите во регионот.

– Репертоарските стратегии можеби се некаде различни, фокусот е на режисерски оригинални концепти. За разлика од регионот, кај вас не видовме домашен драмски текст, не значи дека го нема воопшто, ама штом го нема на фестивалот, тоа укажува дека и го нема доволно. Многу е важно не само да се повикуваме на класиката, туку и на современите нови текстови. Јас гледам разлики во продукциска смисла. Театарот мора да реферира на заеднички проблеми на заедницата, да предупредува и да биде  апсолутен простор на слобода. Публиката овде е извонредна. Вниманието со кое гледаа таков разновиден репертоар одушевува. Можам да споредам со претстави од регионот, можам да кажам дека треба да се биде похрабар во продукциите, да се има истражувачки пристапи, зашто публиката тоа го заслужува – вели Љумовиќ.

Сцена од „Роња, ќерката на ограбувачот“

Мирослав Мики Радоњиќ е театролог, театарски критичар и рецензент. Член е на Здружението на театарски критичари и театролози на Србија од 2003. година. Работел и како уредник на списанието „Сцена“ во издание на „Стеријино позорје“, како и на списанието „Војвоѓанска сцена“ во издание на Позоришни музеј Војводине. Тој е директор на големиот српски фестивал „Стеријино позорје“.

– Честитам за организирањето на овој значаен театарски фестивал и заслужува да биде организран на ваков начин и да задржи високото ниво како во среќните времиња кога театарот имаше многу поважно место во нашите општества. Ние како жири се трудевме да бидеме објективни, да, доаѓаме од други средини, но тоа ни дава и простор да имаме дистанца, но мислам дека имаме доволно искуство секој од нас, сме биле во многу жирија, ја следиме естетиката на целиот регион и тоа што е највредно – тоа се актерите. Многу е проблематично што нема домашна драма. На сите ни е јасно дека без тоа нема национален театар. Јас сум сигурен дека веќе наредна година ќе се појават претстави според нови текстови. Фестивалите се места за размена на искуства, за средби, тие се празници на театарот, наградите се важни, ама не се најважни, не се прашања на живот или смрт – се шегува Радоњиќ.

Сцена од „Чудна случка со кучето во ноќта“

Актерите ви се најсилна страна во театарот, истакна Милош Латиновиќ, книжевник и директор на театарот „Битеф“ и на еден од најзначајните српски фестивали, „Битеф“.

– Честитки за сите што настапија на овој важен фестивал. Очигледно е дека ние многу добро се разбираме меѓу себе. Публиката од вечер во вечер ги полнеше салите, а театарот постои за публиката. Со ваква публика, театарот во Прилеп нема да има проблем. Имате извонредни глумци, Наградивме актери од четири претстави, од четири ансамбли, Дури и тие претстави што најмалку ни го привлекоа вниманието, актерите беа најсилната страна. Треба да бидете репертоарски похрабри, режисерски поинвентивни. Ние се определивме за добра глума, добар текст и инвентивен режисер. Така не може да направите лоша претстава. Современиот домашен текст е важен, но можете и од стар домашен текст да направите. Македонија го има тој потенцијал, ја има во традицијаа. Би сакале да присуствуваме на фестивалско издание кое би било во фокусот на домашната драма. Се надеваме дека ќе инспирираме за тоа да се смени – вели Латиновиќ.

Разговорите на тркалезната маса беа убава можност за театарските уметници да ги посочат најголемите проблеми со кои се соочуваат во дејноста. Актерката Амернис Нокшиќи повика на петиција на сите национални театри за да се убрза процесот за изградба на современа театарска зграда во Прилеп, како голема неопходност и единствен начин како МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе може да биде вистинска слика.

Сподели