Aкадемик Павловски несебично штедро се расфрлаше со својата дарба

Радован Павловски е еден од најразбушавените, најнедисциплинираните во изразот, најрамнодушните кон формата или кон стилските правци во нашата литература – рече Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на ДПМ

Радован Павловски е дел од генерацијата македонски писатели кои со своето дејствување извршила пресудно влијание врз процесот на дедогматизација и модернизација на македонската литература и придонела за ширење на хоризонтите на творечките слободи, рече академик Љупчо Коцарев вчера на комеморацијата што во чест на поетот се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

Сфаќањата на Радован Павловски за животот и поезијата, според Коцарев, најдобро се изразени во пристапната беседа за неговиот избор за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите во 2006 година, насловена „Мојата ѕвезда, моето живеалиште“.

– Тогаш Радован ќе истакне: Во творештвото најтешко е творецот да се издржи самиот себеси и да се задржи на своите нозе. Сѐ друго е лесно како пердув, перо, сон, сонета… Но зборот е тежок, зборот држи вода дури и во пустина, рече Коцарев цитирајќи ги зборовите на Павловски и додаде дека „академик Павловски несебично штедро се расфрлаше со својата дарба, не само кога ги рецитираше своите песни, туку и во обичниот разговор, на теми од секојдневниот живот“.

Академик Љупчо Коцарев

Наречен „принц на метафората“, со порив кон апсолутната слобода и со мајсторски зафат во јазикот, за кого песната е глас на вечноста… истакнаа, меѓу другото, неговите колеги и почитувачи на дело.

Академик Влада Урошевиќ, кој како и Павловски припаѓа на третата повоена генерација македонски писатели кои се појавуваат во втората половина на 1950-тите години и кој прв пишувал за неговата поезија во 1960 година, денеска рече дека замина уште една голема фигура на македонската култура, уште еден голем поет кој, како што рече, „ја обележа нашата епоха, творец кој на нашата поезија ѝ даде врвни песни напишани на македонски јазик“.

– Во времето кога се појави имаше и отпори, кои секогаш ја следат појавата на такви несекојдневни личности, но наспроти нив, името на Радован Павловски беше секавично разгласено низ книжевните и културните кругови. Поезијата на – и онаа од младешките години, и онаа од периодот на зрелоста, ја покажа и докажа вибрантната сензибилност на македонскиот јазик. Радован Павловски е еден од најголемите поети кои пишувале на македонски и неговото творештво стои на самиот врв на нашата поезија. Радован не сакаше да се прилагодува, да се согласи со општоприфатените правила, да се откаже од својот сон. Не бараше компромиси, одеше докрај, до отворено несогласување со средината, до затворање во својата горделива осаменост. Беше поет јасновидец, но и проколнат поет, истовремено. Во последните години живееше тежок, макотрпен осаменички живот. Неговото тело страдаше, но духот негов беше постојано извишен над приземните низини, барајќи секогаш поголеми височини за својот размав, истакна Урошевиќ.

Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на ДПМ, каде што Павловски членувал од 1961 година, рече дека координатите во кој ќе се развивал неговиот творечки дух се чувствувале уште во дописот кога како 18-годишник, во април 1955, ги пратил своите први песни во весникот „Млад борец“: „Сакам да остварам свој свет, осмислен со она што треба да го оправда моето постоење“.

-Тој навистина создаде свој свет… Радован Павловски е еден од најразбушавените, најнедисциплинираните во изразот, најрамнодушните кон формата или кон стилските правци во нашата литература. Поетскиот свет на Радован Павловски е бујна екстаза на имагинацијата, разгранета мрежа од симболи и метафори, магичен лавиринт кој ве заведува во многу насоки, лавина од визии и јазични вратоломии, блиски и далечни асоцијации низ кои одекнува убавината и моќта на македонскиот збор. Уште при поетското деби – објавата на стихозбирката „Суша, свадба и селидби“ во 1961 година Павловски е прифатен од македонската книжевна критика како исклучителен поет, кој многу брзо добива признание и поширока рецепција – рече Сојменска-Елзесер.

Павловки ја доби Повелбата „Блаже Конески“ за врвни творечки остварувања, која Друштвото му ја додели на Радован Павловски за 2020 година, но поради пандемијата и неможноста физички да присуствува не му била врачена и покрај обидите на Друштвото да го поканат за тој чин.

Сподели