Збогување со Луан Старова: Загубивме голем научник, хуманист, благороден пријател

Луан Старова е творец кој во литературата и науката досегна исклучителни резултати не само во нашата средина, туку во европски и светски опсег, рече на денешната комеморативна седница академик Влада Урошевиќ. Најблиските, роднините и пријателите, колегите од Македонската академија на науките и уметностите, Друштвото на писателите на Македонија и Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска се простија од Старова кој почина минатата недела. Осврнувајќи се на неговиот живот и дело, тие издвоија моменти кои ќе останат запаменетни.

Урошевиќ посочи дека раните книги на Луан Старова, патописи, записи, есеи, го профилирале како особено образован, широко информиран и љубопитен истражувач на книжевните феномени, упатен во современите книжевни случувања кај нас и во светот, вклучен во жива комуникација со нив, и отворен кон европските хоризонти.

– И пред да се појави, пред 30 години, романот „Татковите книги“, кои станаа камен темелник на идните негови романсиерски дела, Луан Старова веќе имаше свое место во првите редови на нашите интелектуалци, кои со својот настап во тие години внесуваа нов, свеж дух во македонската култура – рече Урошевиќ.

Според академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Старова има богата и интересна биографија, а за неговото творештво пишуваат и говорат бројни филозофи, филолози, книжевници и книжевни теоретичари. Тој го цитираше писателот Едгар Морен, кој на промоција на „Времето на козите“ во 1997 година за Старова потенцирал дека „е совршен претставник на балканскиот соживот и на отвореноста. Човек кој во целиот свој живот го интересира балканското братство и соживот без каква и да е етничка затвореност, спротиставувајќи се на секакви сесии и идеолошки апстракции како и на секаква етнички и религозна тврдокорност“.

– Една од централните теми за кои пишува Луан Старова е балканскиот хронотоп. Зборот хронотоп буквално значи времепростор и е дефиниран од факти како суштинска поврзаност на временските и просторните врски кои се ументички изразени во литературата. МАНУ, македонска литература и култура со смртта на Луан Старова загубија неповторлив автор, луциден раскажувач, брилијантен интелектуалец и голем хуманист, а сите ние загубивме прекрасна и благородна личност – рече Коцарев.

Ирина Бамбова, раководителката на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, посочи дека Старова бил срдечна и блиска личност, ведар и почитуван колега, строг и правичен професор.

– Ќе го паметиме како одличен педагог, далекувиден научник, вроден писател. Ни останува обврската да го чуваме и негуваме споменот за него, и за неговото дело – рече Бамбова.

Сподели