Рангирањето е нешто со кое сме опкружени во секој сегмент од нашето живеење: рангираме спортисти, политичари, работодавци и кандидати за работа, универзитети и студенти, па и бурек!

Пишува: Наташа Атанасова

Зоран Шуниќ е научник од Скопје, кој завршил математика на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој веќе 26 години е во Америка и по менување на неколку универзитети, денес е професор по математика на Универзитетот „Хофстра“ во Њујорк.

На С(ц)иестата што се одржа минатата недела, во организација на Фондацијата „Кантарот“, Шуниќ зборуваше за рангирањето. A тоа е нешто со кое сме опкружени во секој сегмент од нашето живеење: рангираме спортисти, музички хитови, политичари, работодавци и кандидати за работа, универзитети и студенти, па и буреци, што би рекол Шуниќ.

Дискусијата беше еден поширок разговор за рангирањето како обид за спојување на повеќе ранг-листи кои се подредени според поединечни критериуми во една збирна ранг-листа што верно ќе ја претставува заедничката оценка произлезена од тие критериуми. Проблематично тука е што секогаш може да се постави прашањето чија волја се изразува со едно рангирање, затоа што сепак некој треба да ги спои критериумите на некаков начин.

– Математички гледано, проблемот на рангирањето не е толку тежок ако ја имате целта – што сакате да оптимизирате. Меѓутоа, не постои процедура која сите можни логични цели ќе ги задоволи во исто време. Мора да се одбере едно нешто што е важно и да се оптимизира само според тој критериум – вели Шуниќ.

Проблемот со рангирањето на универзитетите

Но, какви проблеми носи ова во пракса? На пример, кога станува збор за рангирањето на универзитетите. Ранг-листите на универзитетите имаат многу голема моќ. И во светски и во локални рамки, тие диктираат како ги перципираме странските и нашите универзитети. А, сепак, нивните процедури за рангирање најчесто остануваат во сенка поради нивната комплицираност и со тоа резултатите добиваат независен живот, иако сами по себе честопати не кажуваат многу.

Кога станува збор за рангирањето на универзитетите, Шуниќ смета дека е супер што реномираните ранг-листи собираат разно-разни податоци, ама тој би сакал тие податоци да ни бидат достапни целосно, како raw data, а не само како едно крајно бројче кое најчесто ништо не значи.

Вебометрикс рангирањето на УКИМ, од фејсбук-профилот на Никола Стиков

– Цел живот на децата им велиме не мешајте баби и жаби, а во рангирањата нон-стоп го правиме тоа. Овие рангирања на универзитетите се токму тоа: 20 отсто од импакт фактор, 15 отсто од меѓународна соработка, 3 од карти, 5 отсто од К-15 и јавете се во студиото, имаме победник, рангирани сме! За мене тоа е бесмислица. Исто како кога ќе го видите просекот на едно дете. Со тоа, вие ништо не знаете за него. Но, ако ги видите поединечните оценки по предметите ќе видите кои предмети му одат, на кои полиња е послабо, каде лежи неговиот талент и ќе почнете да го разбирате – вели Шуниќ.

Дополнителни проблеми со рангирањата

Изминатиот период, во јавноста имаше реакции и голема дискусија околу рангирањето на УКИМ на „Вебометрикс“. Се појавија вести дека УКИМ паднал уште сто места на ранг-листата, а во суштина, според објаснувањата на некои научници, станува збор за осцилација што е нормална при таквите рангирања, која се должи на фактори од типот на менување на методологијата за рангирање или нешто слично.

Шуниќ вели дека и покрај обидите да дознае што точно мери рангирањето на Вебометрикс, и понатаму не му е јасно. Од тоа што го гледал, 50 отсто од рангирањето зависи од бројот на линкови кон дадената институција на интернет – што не е јасно што значи; 10 отсто од рангирањето зависи од профилите на вработените на Google Scholar – а тоа е пак симптоматично, затоа што кој има – кој нема профил, кој го одржува – кој не го одржува…

Како што лекарот нема да има поим што ни е ако му однесеме една бројка која е сума на бели крвни зрнца, плус притисок, плус пулс, така и нам рангирањата на универзитетите не ни кажуваат ништо.

– Друго што ми е интересно во врска со „Вебометрикс“ е што тие тврдат дека имаат 30.000 институции што ги рангирале и дека УКИМ еве пред некоја година бил на 1.493-то место. Јас не знам како може некој воопшто да каже дека некој е на 1.493-то место од 30.000 субјекти?! Која е таа астрономска прецизност која дава дека 1.492 институции се подобри од оваа која е 1.493-та?! Статистичките грешки и, уште повеќе, грешките на заокружување веќе се поголеми од тие разлики меѓу 1492-то и 1493-то место – зачудено вели Шуниќ.

Тој смета дека Шангајската листа, листите на US News и Times Higher Education се посериозни, затоа што рангираат до стото место, потоа од 100-то до 200-то место ги ставаат во иста група, па од 200-то до 300-то, па потоа од 500-то до 1.000-то место и така нагоре прават сè поголеми и поголеми групи, при што не се забележуваат ваквите осцилации и со тоа не се остава простор за кревање врева околу нешта што се тотално бесмислени.

Рангирањето е несовршено, но понекогаш ни е неопходно

Меѓутоа, тука се наметнува очигледното прашање: доколку рангирањата не се добри и сакаме отворени целосни податоци, како можеме да се справиме со субјективниот поглед при читањето на тие податоци во случаи кога треба да се донесе одлука за тоа која политика е најдобра, кој политичар, кое решение… Шуниќ на ова одговара дека секогаш кога нема потреба да се составуваат категориите во една, за да се добие една бројка (како во случајот со универзитетите), тоа едноставно не треба да се прави. Исто како што на лекарот не му носиме лабораториски резултати сведени на една бројка која е сума на бели крвни зрнца, плус притисок, плус пулс. Знаеме дека така лекарот нема да дознае ништо за нас и дека е потребно да ги погледне одделно сите овие бројки. Слично е и со рангирањето на универзитетите. Но, за други работи, кога треба да се рангира за да се донесе одлука што е најдобро во одреден случај – тоа едноставно мора да се направи.

– Рангирањето е тешка и невозможна задача, но знаеме дека понекогаш мора да се прави. Она што ни останува при секое вакво неминовно несовршено рангирање е да дискутираме, да расправаме што е важно во моментот, која е оптимизациската функција што сакаме да ја постигнеме и така да стигнеме до договор како ќе рангираме. Нема магична формула за рангирањето, како што нема ни за демократијата – за двете е потребен голем напор. Нема идеална процедура, но има корисни процедури кои во голем број случаи ќе бидат во ред, но во одредено време ќе видите недоследности и морате да знаете дека ќе ги има и дека морате да ги прифатите. Или да ја смените процедурата. Да, така е. И ние луѓето сме несовршени, па нормално е и нашите процедури да се такви – вели Шуниќ.

Преземено од Кантарот.мк – Наука, култура и ментална фискултура

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.