Одбележувањето на 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов ќе биде во фокусот на 3. Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што ќе се одржи онлајн од 23 до 28 јануари. На школата ќе учествуваат повеќе од 40 странски македонисти од 17 држави. Ова е и првата од низата предвидени активности опфатени и со националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.
На Школата се пријавени учесници од: Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина.
– Пријавени се познати имиња од славистичкиот свет, посветеници на македонистиката, меѓу кои се и универзитетски професори, истражувачи, и познати книжевни преведувачи. На Школата се очекува бројно учество на понови кадри, вклучително и студенти на прв циклус студии решени да го изучуваат македонскиот јазик – велат од Семинарот.
Наставата на Школата ќе биде интензивна, со фонд од по 30 часа во групи според степенот на познавање на македонскиот јазик – основно, средно и напреднато рамниште. Наставата за семинаристите од напреднатото рамниште целосно ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов. Со очекува тоа да изроди нови исчитувања на неговото творештво на странски универзитетски центри, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на македонскиот книжевен великан дополнително ќе се афирмира во странските културни средини.
Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик за првпат се одржа во 2021 година, како прва активност во рамките на програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.





