НАкС: Виртуелната дебата за платите во јавниот сектор Владата да ја претвори во јавна

Независниот академски синдикат НАкС бара од Владата да ја стопира постапката за донесување на Законот за системот на плати во јавниот сектор, виртуелната дебата да ја претвори во реална јавна дебата во која ќе ги покани синдикатите проактивно да учествуваат во процесот и да побара мислење од експерти кои јавно ќе се изјаснат за овој предлог – стои во нивната јавна реакција.

– Независниот академски синдикат – НАкС ја препознава потребата од донесување системски и кохерентен закон со кој би се дефинирала методологијата и постапката за формирање на платите на сите вработени во јавниот сектор. Со сеопфатно, интерсекторско регулирање на оваа материја, конечно, би се уредил хаосот кој со децении владее во оваа сфера – би се обезбедила правичност и сигурност на социоекономската положба на вработените, а истовремено, позитивно би се влијаело врз квалитетот на извршувањето на дејностите од јавниот сектор. Но, наместо до едно вакво законско решениe да се дојде низ суштински и исцрпен дијалог со сите засегнати страни, Владата, во стариот, добар манир, во „глуво доба“ и „низ мала врата“ се обидува да протне законско решение коешто би требало да претставува „рамка“ врз основа на која дополнително би се уредила оваа исклучително сложена материја – велат од НАКС.

Тие додаваат:

Од текстот на предлог (рамковниот) Законот за системот на плати во јавниот сектор демнат повеќе опасности:

– делумно регулирајќи ја материјата, предлог Законот остава истата да биде
дорегулирана со прописи донесени врз основа на закон и подзаконски акти што се коси со идејата за системско решение. Дополнително, ваквиот пристап е спротивен на чл.32 од Уставот на РСМ, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор;
– се воведуваат нови, а недефинирани елементи во методологијата за пресметка на плати за кои не е уредена постапка за примена преку објективни и правични критериуми. Недефинираноста на елементите и паушалноста на критериумите би можеле да бидат искористени како алатка за намалување на платата на вработените и нивно непринципиелно казнување;
– се воведуваат механизми за намалување на веќе утврдената плата, додатоци и надоместоци, што вработените во јавниот сектор би можело да ги доведе во положба на правна несигурност;
– се доведуваат под знак прашање одамна изборените работнички права како што се полна плата за време на годишен одмор и стручно усовршување, исплата на утврдени надоместоци за службени патувања и сл.,

Искуството ни покажало многу пати дека, и покрај добрата намера, контрапродуктивно е кога се брза да се донесе недозреано законско решение, без притоа во широка, јавна и суштинска, а не само формална дебата да се вклучат синдикатите, како витално заинтересирана страна.