Обемното издание има 475 страници, а во подготовката учествувале студенти од Институтот за историја на уметноста и археологија и археолози

Околу 3.000 поими поврзани со археологијата се застапени во првиот „Археолошки лексикон“ на македонски јазик што деновиве излезе од печат во издание на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје со поддршка од Министерството за култура. Главен уредник е Антонио Јакимовски, раководител на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет, а уредници се и Мишо Ристовски и Игор Ефтимовски. Во подготовката на изданието учествувале триесетина соработници, а рецензенти се Виктор Лилчиќ-Адамс, Драги Митревски, Марјан Јованов и Бошко Ангеловски.

– Сè започна во 2012 година, кога колегата Мишо Ристовски, еден од уредниците на лексиконот, дојде кај мене со идеја за дипломска работа да направи Археолошки лексикон. Поради обемноста договоривме друга дипломска, но остана идејата да направиме Археолошки лексикон и по 10 години работа успеавме да ја реализираме – вели Јакимовски.

Обемното издание има 475 страници, а во подготовката учествувале студенти од Институтот за историја на уметноста и археологија и археолози (за одредедени поими). Јакимовски објаснува дека Лексиконот содржи околу 3.000 поими поврзани со археологијата, внимателно селектирани.
Според него, изданието првенствено треба да им биде од полза на студентите по археологија, на сите што изучуваат сродни науки кои имаат допирни точки со археологијата, но и на сите што се интересираат за археологијата. Така Лексиконот ќе биде од корист и за студентите по историја, историја на уметност, класични студии и други.

– Вакви изданија на македонски јазик се исклучително значајни затоа што освен што имаме многу малку стручна литература на македонски јазик. Новите генерации на студенти сè помалку го разбираат српско-хрватскиот на кој во минатото во најголем обем била објавувана стручната литература што се однесува за Македонија. Затоа сме особено горди со ова прво издание на Археолошкиот лексикон на македонски јазик. Благодарен сум им на сите што дадоа свој придонес за излегувањето на Археолошкиот лексикон – вели Јакимовски.

Поради скромните финансиски средства „Археолошкиот лексикон“ е испечатен во мал број, но веќе се планира второ издание. Јакимовски информира дека изданието ќе биде дистрибуирано во библиотеките каде ќе можат да го користат студентите, а ќе биде достапен и во електронска форма.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.