„Три Марии“ на Ќорвезироска ја доби „Стале Попов“, „Вообразби“ на Бранко Цветкоски е најдобра поетска збирка

Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, во издание на „Арс Ламина“, ја освои наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Оваа одлука со мнозинство гласови ја донесе тричлената жири-комисија во состав: Соња Стојменска-Елзесер (претседателка), Снежана Младеновска-Анѓелков и Давор Стојановски (членови).

Наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка отиде кај книгата „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“). Оваа одлука едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Иван Џепароски (претседател), Ристо Василевски и Милован Стефановски (членови).

Наградата „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца и млади ја доби книгата „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети („Или-или“). За оваа наградата едногласно одлучија: Симона Јованоска (претседателка), Искра Донева и Ванчо Полазарески (членови).

Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика ја добива книжевно-критичкото дело „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“). Наградата едногласно ја додели жири-комисијата во состав: Наташа Аврамовска (претседателка), Анастасија Ѓурчинова и Ангелина Бановиќ-Марковска (членови).

Добитник на наградата „Мост“ на ДПМ, за најдобра книга напишана во 2025 на јазик што го зборуваат членови на заедниците во Македонија, е збирката песни „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани („Академска книга“). Одлуката едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Делвина Крлуку (претседателка), Олег Дементиенко и Гордана Јовиќ Стојковска (членови).

Делвина Крлуку, претседателката на жири-комисијата за наградата „Мост“, укажа дека потребно е да се изнајде начин Министерството за култура секоја година да го поддржува преводот на македонски и објавувањето на книгите добитници на оваа награда.

Врачувањето на годишните награди на ДПМ за 2025 година ќе биде во петок, 13 февруари, денот на кој Друштвото на писателите на Македонија ќе одбележи 79 години од основањето.

Сподели