Со четири претстави Народниот театар од Прилеп одбележува 76 години постоење

Четири претстави ќе бидат изведени во рамките на програмата „Роденденска недела“, што Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ја организира од 16 до 21 февруари на Сцена 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“. На 16 февруари (20 часот) пред прилепчани ќе настапи ансамблот на Велешкиот театар со „Синиот портокал“, во режија на Александар Ивановски. Играат: Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски и Благојчо Стојанов. Наредната вечер, на 17 февруари ќе гостува актерот Здравко Стојмиров со монодрамата „Фетишист“, која е во копродукција со Народниот театар од Битола.

Монодрамата „Фетишист“ има за цел да ни ја претстави извртената реалност на еден живот што бивајќи свртен наопаку, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност ни ја прикажува единствената можност за постоење на еден човек, кој иако изгубен во реалноста, одлично живее во својот замислен свет и успева да најде задоволство во живеењето, каде самиот се обидува да ја создаде својата среќа и покрај сите непријатности кои го следат.

Во среда, на 18 февруари, во продукција на Театарска работилница Прилеп ќе следува претставата „Делириум тременс“, наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв. Претставата е одиграна на сите театарски фестивали во Македонија и има освоено три интернационални награди, две на фестивалот „Алба моно“ во Корча, Албанија (за најдобра претстава во целина и за најдобра машка улога) и една на Нишвил Џез и театарски фестивал (за најдобро користење на музика во претставата) во Ниш, Србија.

На 19 февруари ќе биде изведена „Црнила“ во режија на Дејан Пројковски, а продукција на Прилепскиот театар. Играат: Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата – Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа.

„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта. Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Истата претстава на 21 февруари ќе гостува во МНТ во Скопје.

Сподели