Водечката харфистка од Белгија, Анлин Ленартс, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија ќе настапи со Македонската филхармонија утревечер во 20 часот на концертот насловен „Ѕвездено арпежо“. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија, настапувала на престижни фестивали. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Тој е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.





