„Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“ во Македонскиот народен театар

„Кина низ културата: Прекрасниот Сичуан“ е насловот на спектаклот со кој ќе биде одбележана Кинеската Нова година вечерва и утревечер во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје. Проектот синоќа беше изведен и во Битола, а во Охрид се одржа поп-ап презентација. Настанот го организира Амбасадата на Народна Република Кина, со цел промоција на богатото културно наследство и зајакнување на културната соработка меѓу двете земји.

Во гала-програмата учествуваат реномирани уметнички ансамбли од Кина, меѓу кои Оперскиот ансамбл од покраината Сичуан, Универзитетот за уметности и применети уметности од Ченгду, како и Театарската компанија „Џингџу“ од Пекинг.

Станува збор за визуелно и уметнички богат спектакл кој спојува традиционални и современи елементи на кинеската култура. Публиката ќе има можност да ужива во Пекиншката и Сичуанската опера, народна музика и танц, боречки вештини и акробатика. Програмата вклучува низа симболични и митолошки прикази, од класичните легенди и традиционални мотиви, до современи сценски интерпретации со иновативен пристап.

Преку разновидни уметнички изрази и внимателно осмислена сценска естетика, претставата го прикажува уникатниот шарм и длабочината на кинеската култура, создавајќи силно аудиовизуелно доживување што ги ангажира сетилата и емоциите на публиката.

Од Амбасадата на Народна Република Кина истакнуваат дека културата претставува важен мост меѓу народите. „Пријателството помеѓу Кина и Северна Македонија има длабоки корени, а уметноста и културата отсекогаш биле клучен фактор во меѓусебното разбирање. Нека културата биде светлина што ќе нè поврзува и ќе ни помогне заеднички да градиме иднина во која различните цивилизации ќе коегзистираат во хармонија“, порачуваат од Кинеската амбасада.

Сподели