А зашто ни е и државава на ова дереџе, на кое што е? Како што реков, комплексно е прашањето и не може да се реши со памфлет или директива, играјте македонски автори… Ова како и многу други работи во државава бара долгорочна визија, план, стратегија и стрплива посветеност.
Драмскиот автор Дејан Дуковски е Автор во фокус на претстојното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Тоа е авторот што одигра исклучително важна улога во развојот на македонската драмска мисла, во поставувањето на македонскиот театар далеку. Неговите претстави се одиграни и преведени на повеќето светски јазици и поставени на повеќе од сто театарски професионални сцени во неколку стотици држави и јазици. Што е фестивалот за Дуковски, но и како тој се развиваше како автор, ви споделуваме во интервјуто со лауреатoт, објавено на интернет-страницата на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Вие сте Автор во фокус на јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп што ќе се случува во јуни. Ви значи ли ова признание?
– Да. Се разбира дека ми значи. Моите професионални почетоци се врзани со овој фестивал. Многу од моите текстови беа наградени на овој фестивал… Пред повеќе од 35 години, мојата прва поголема претстава „Балканот не е мртов“ со Битолскиот народен театар во режија на Сашо Миленковски, која после премиерата предизвика доста контроверзни реакции, а текстот наиде на извесни осуди во некои кругови дека ја изневерува или се подбива со македонската кауза… Не знам кој, за не знам колку милиони долари ја купил Македонија, а јас сум ја продал џабе… На овој фестивал текстот беше не само поддржан, туку и награден. Тоа тогаш беше голема победа за мене, а и така се отвори патот за „Буре барут“ во МНТ… Исто така, фестивалот ми буди и многу носталгични и сентиментални чувства за едно пројдено време и младост… Заедно старееме. Чисто како куриозитет, од моите студиски денови, паметам две високо мотивирачки реченици кога патувавме накај фестивалот – „секое патување ново доживување…“ и „шанса за секси сеанса“…
Како течат подготовките за новата претстава во Београдско драмско позориште? Работниот наслов е „Пари“, „Црно злато“ и „Опиум“, може ли да ни откриете малку повеќе за приказната и темата?
– Пробите течат одлично, но поради случувањата во Белград, процесот излезе сложен. Премиерата е закажана на 14 март. Ние објективно можевме уште минатата година да излеземе, но поради штрајкот на театрите, моравме да ја одложиме премиерата. Како и да е, самиот процес е одличен и драго ми е што работиме со Оливер Фрлиќ, одличен режисер, се најдовме на некоја фреквенција и се надевам дека таа соработка и ќе продолжи. Веќе договараме и некои нови проекти…
„Црно злато“ во поднаслов „Опиум или пари“ условно речено е драма за травестит на Балкан, кој се бори за правото на свој идентитет. Освен сударот на главниот лик со средината, патријархалноста и предрасудите овде, во суштина на драмата е неразрешениот конфликт помеѓу татко и син. Драмата како некој мотив ја користи матрицата на „Парите се отепувачка“, но само како почетен иницијален импулс или асоцијација… Синот после многу години печалба се враќа дома, родителите не го познаваат и го убиваат за пари… Во мојата драма синот се враќа како жена со многу пари, родителите не го препознаваат и… се одвиткува клопче од стари, неразрешени проблеми…
Се надевам дека во брзо време ќе се случи и праизведба овде. Многу ми значи што мојот омилен режисер Слободан Унковски веднаш изрази желба да го постави. Во преговори сме со МНТ.

Зошто после Вас тешко создаваме нов драмски автор? Тема што не зависи само од талентот на авторите, но и од раководствата на театрите кои треба да го планираат репертоарот.
– Драмски автори не паѓаат од небо. Една работа е отвореноста на театрите за нови текстови, ама уште поважна е самата едукација и продукција на кадар и квалитетни текстови. Јас многу често кажувам дека имав голема среќа да студирам многу млад во првата класа по драматургија што ја водеше мојот професор Горан Стефановски. Тој креативен дух и атмосфера тогаш битно влијаеше не само на мене, туку на повеќе автори кои излеговме од таа академска клупа… Уште не можам да разберам како нашиот факултет можеше да го изгуби Горан како професор… Човекот што ја создаде таа катедра. Јас во целава приказна бев само колатерална штета… Како и да е, јас кога студирав, самиот факултет беше тој што ги промовира и предлага на театрите најуспешните текстови на студентите кои завршуваат. На некој начин беше обврска на факултетот да обезбеди професионална продукција на дипломските текстови. Не би било добро ако театрите по секоја цена или по некаква директива продуцираат неквалиетни текстови, само затоа што се домашни. На театрите им требаат добри текстови.
Сметате ли дека театрите треба многу повеќе да се потрудат да имаат организирана форма на поддршка за создавање и поставување нови драмски текстови?
– Во секој случај театрите мора да бидат отворени за нови текстови односно да најдат начини да стимулираат нивна продукција. Постои една идеја во МНТ, која и јас ја заговарам, малата сцена, во голем дел од својот репертоар, да биде некакво креативно студио или експериментална сцена, каде што би се дал приоритет на млади луѓе, дипломски претстави, драмски читања… Исто така, многу е битно да не постоиме сами за себе, туку да се вмрежуваме во размена и продукции на нова европска и регионална драма… Посебно, мислам дека е добро да се воведе некаква пракса на драмски читања на нови европски драмски текстови, во тој контекст и на регионални и домашни текстови. Мора да има и некаков репер, за да се добие квалитет.
Националната драма како да ни е во изумирање и, за жал, ми се чини дека тие што треба да се грижат за тоа и баш не го прават тоа. Зошто сме невнимателни кон себе и своето?
– А зашто ни е и државава на ова дереџе, на кое што е? Како што реков, комплексно е прашањето и не може да се реши со памфлет или директива, играјте македонски автори… Ова како и многу други работи во државава бара долгорочна визија, план, стратегија и стрплива посветеност.
Кој автор или професор за Вас беше многу важен низ годините, да останете во оваа професија, а и да станете тоа што сте? Има ли нечии зборови, совети, сугестии, којшто ви помогнале да го најдете вашиот израз?
– Мојот професор Горан Стефановски секако дека извршил најголемо влијание врз мене. Не само во драматуршка смисла, бев многу млад кога се запишав на драматургија, па мислам дека Горан имаше големо влијание генерално на моите погледи на свет… или барем естетски назори. Преку него ја открив и англиската драма, од Шекспир до некои нови автори како Харолд Пинтер или Едвард Бонд кои имаа големо влијание врз мене. Од друга страна, најлесно се учи од најблиските современици, секако освен драмите на Горан, многу учев од југословенските драмски автори како Душан Јовановиќ, Душко Ковачевиќ, Шнајдер… Додуша голема е листата на автори што ми помогнале да најдам мој израз, Брехт, Хајнер Милер, Колтес, Сем Шепард, Сара Кејн, Марк Рејвенхил…
Што беше клучно „Буре барут“ во 90-тите години да одекне баш така како што се случи? Дали беше, пред сè, темата, дали беше фрагментарната структура што бевте меѓу првите што ја применивте?
– Контекстот можеби. Текстот некако фати еден критичен момент, една драма што се случуваше тогаш во бившата наша земја, распад пред војна. Некако текстот успеа да фати дел од духот на тоа време. Во цела тогашна Југославија, што не е мал аудиториум, текстот се осети како свој, „домашен“… Од друга страна, самиот текст е пишуван со еден брз, брутален и без сè, без што се може, јазик. Има галерија на препознатливи ликови и сите имаат свои пет минути… Сцените се прилично трагични, ама со фина доза на хумор…

фото: Слаѓана Стаменковиќ
Има ли фаза во Вашето творештво што би сакале да ја заборавите?
– Па, во принцип сакам да ги заборавам сите оние фази на креативни блокади што за жал знаат да се случат… Има еден текст што не успеав да го напишам, иако ми беа многу блиски и темата и идејата. Имав договор со Југословенско драмско позориште, театар со кој веќе имам долга историја и требаше да работиме со Александар Поповски, со кого одлично работиме и се дружиме цел живот… Темата беше Југославија. Не распадот и проблемите на таа наша бивша земја што ги знаеме, туку баш еден текст со позитивен и афирмативен приод кон идејата за Југославија. Што е многу стара идеја и нешто во што и сам верувам. Исто како обединета Европа… Драма што баш сакав да ја напишам. Можеби баш поради тој мој субјективен приод, драма што не успеав да ја напишам. Никако не можев да најдам правилен фокус. Не можев да ја фатам темата ни за опаш, ни за уши… Ништо не излегуваше доволно добро… Ете тоа, не дека сакам да го заборавам… ама си го должам еден ден на себе, а и на ЈДП и на Ацо.
Каде е светската драма денес? Дали имате впечаток дека како постојано да се поставуваат исти автори и текстови, како нови имиња многу тешко да излегуваат на виделина. Има ли европската драматургија недостиг на теми?
– Не знам, не можам да направам некој прецизен фокус… Мислам дека можеби и театарот се бара во ова ново време… Како и да е, исто како и веков, се појавуваат многу различни и еклектични изрази и правци, тешко е да се зборува за трендови или правци…
Кој автор Ве импресионира во последно време?
– Можеби Мартин Мекдона од поновите, но многу често ги препрочитувам и веќе класичните автори како Хајнер Милер, Колтес. Кољада…
Си замислувате ли некогаш како ќе изгледаше Вашиот пат како автор, доколку не Ви се случеше „Буре барут“?
– Не знам. Во секој случај ќе беше потрнлив. Објективно, претставата на ЈДП со Унко во Белград направи многу за мојата кариера. Беше тоа на право место во право време. Претставата експлодираше како бомба, а публиката после саати овации не си заминуваше и многу луѓе останаа во театар до раните утрински часови… Беше тоа тогаш сè уште театар со габарит на најголем театар во Југославија и на чело со Јован Ќирилов успеа да ја претстави преставата низ цел свет… Буквално претставата гостуваше насекаде и секаде имаше одличен прием… Брзо после излезе и многу успешниот филм на Паскаљевиќ, кој секаде се дистрибуираше… И тоа беше тоа. Текстот се играше од Русија до Јапонија. Текстот добро помина и по одличната праизведба на Сашо Миленковски во МНТ, но не успеа да одекне толку ни регионално и глобално… Беше сигурно малку и среќа, додушa, некоја година подоцна со „Маме му ебам кој прв почна “ на МНТ во режија на Ацо Поповски, добивме Гран при на БИТЕФ…
Вие сте драматург во МНТ. Сметате ли дека најголемата национална театарска куќа треба да обрне повеќе внимание на домашниот автор и новата драма?
– Да. Дефинитивно. Меѓутоа, пред сè, на публиката ù требаат добри автори, бeз обзир каде и да се сметаат за домашни. Во еден период, на пример, државата Данска имаше доблест мене да ме третира како домашен автор…
Фото: Димитар Атанасоски





