Фантазмагоричните сонови на Спасе Куновски

Пишува: Никола Пијанманов 

Сликарството на овој тивок и таинствен мајстор е натопено во соништата и реализмот на чудото, толку спротивни на секојдневието и баналноста на фотографскиот реализам од кои отсекогаш бегав.

Во моето детство, ниеден сликар не остави такви маркантни траги како делата на Спасе Куновски. Пред да дознаам дека постои надреализмот, Ман Реј, Бретон и Рене Магрит, јас го проучував, сонував и здомив, ликовниот свет на Куновски. Тоа преклопување на сликите со моите визии и погледи на светот е една од оние синхронизации со кои човек останува до крајот на животот, иако можеби тематски и естетски се разминале некаде по патот. Сенката на сликарот секогаш ќе демне над мојот штафелај. Сликарството на овој тивок и таинствен мајстор е натопено во соништата и реализмот на чудото, толку спротивни на секојдневието и баналноста на фотографскиот реализам од кои отсекогаш бегав.

„Бела коцка“

Иако секој човек се раѓа и умира на овој свет во точен ден и час, не можам да го обременувам текстот со биографски податоци од кои интерес имаат само архиварите, а значење добиваат само енциклопедиите. Животот и смртта на Спасе Куновски се запишани во некоја книга каква што е „Енциклопедијата на мртвите“ на Данило Киш.

Неговото сликарство е запишано во пејзажот на минливоста. Нешто што трае кратко како изгубен сон на кој повеќе нема да се сетиме, а осудено е да истрае на платната. Нема сомнеж. Неговите дела пoвторно се изложени во постојаната поставка на имагинарниот музеј. (Иако во реалната трајна поставка во Националната галерија е изложена само една единствена слика.) Земниот хаос во перфектно естетски облик е прекомпониран во нов поредок во делата на мајсторот. Животот на уметникот ќе го идентификуваме разоткривајќи ги неговите слики.

Спасе Куновски не е надреалист кој се приклучил на манифестот на групата основана од Бретон и Аполинер, со цел да ги следи правилата и пропагандата на движењето. Тој е осаменик како Џорџо де Кирико или како Миљенко Станчич во чии дела надреализмот е рефлексија на природна длабочина од која органски извираат сликите. Светот на Куновски не припаѓа на ниту едно движење. Тој свет е кафкијански. Неповторлив и незаменлив со ниту една сликарска школа и движење. Никогаш нема да ја заборавам ретроспективната изложба на авторот, зимата 2016 година во Даут-пашиниот Амам во Скопје. Цел еден живот може да помине, а човек да не успее да ги види повторно на едно место овие тажно-волшебни провиденија насликани на платната на Спасе Куновски. Самата градба, магичните куполи на некогашните ориентални бањи, кои наликуваат на женски гради, и сликите поставени под тие куполи, контрастот на времињата, го правеа магичниот реализам уште почуден.

„Обесчестени цветови“

Надреалистичките методи на сликање кај големите творци не се косат со класичните, со практикувањето на старите мајстори. Така е кај Магрит, кај Дали, така е и кај Пол Делво. Спасе Куновски е мајстор на сликањето, тој слика како Вермер.

Експериментирањето со материјалот и темите, и храброста на деконструкцијата на стварноста се видливи внатре во суштината, а на површина гледаме совршено класично ликовно дело. Вистински мајстор на занаетот! Тој компаративен судир го прави нашето изненадување уште потешко. Куновски не го руши светот со дадаизам, со иронија и исмевање, туку гради нов, поинаков свет во кој се огледува како фатаморгана уште нестворениот свет. Соништата се можеби далеку поизострен реализам од самата реалност во која маргините се замаглени, а значајните детали избледеле. Соништата во романите на Достоевски се далеку поживописни од бедната стварност во која ликовите се мачат. Деталите во сликите на Куновски се кристално јасни, тие се толку истакнати и потенцирани што постои опасност никогаш да не ги заборавите. Сеќавањето на крајот прострујува низ атмосферата и драматургијата на овие есхатолошки слики во кои завршувањето на светот станува сè поизвесно…

Пред да ги видиме скршените фигури, манекени, кловнови, осамени луѓе и објекти, мораме да заклучиме дека Куновски, пред сè, е сликар на пејзажот. Пејзаж на периферијата, на отсутноста. Пејзажот на празнината. Целата композиција се гради врз добро осмислен и длабок простор со перспектива. Пејзажи на разурнати градови. Пејзажи на детските стравови. Во неговите слики фигурата е само една случајна средба на искината жица од приградска бандера и несошиено копче. Никој на овие простори не успеал попрецизно да го скамени во слика пејзажот на предградието, тажните слики на напуштеноста, вечно недоградените куќи во нашите меланхолични провинции, осамените луѓе-кукли кои стојат неподвижни, како знаци на патиштата на тагата. Бескрајната транзиција на постоењето. Фигурацијата е само успешна случајност на паралели во просторот кои никогаш нема да се сретнат. Човек-кукла со отворен чадор во предел каде што не паѓа дождот. Во овие слики владее стравична осаменост. Самиот страв дека нема да бидете сретнати и дека нема да сретнете никого. Ништо.Освен разурнато плашило за гаврани во изгореното поле, избледениот и исчаден патоказ – ве прави безнадежни патници на патот кон целта.

„Портрет со чадор“

Пат нема, се пресекува негде, се губи таму каде што најмалку очекувате. Има бескрајни празнини по кои во ниедно време шетаат месечарите. А небото!? Тоа густо темно индиго-сино небо кое го има само во селските средновековни црковни фрески! Но во случајов, тоа небо не е како она на светците, туку е заднина на скршениот човек. Човекот со отворена утроба од која излегуваат цветови, страшилото во полето кое не ја извршува својата функција да заплаши, туку и самото е исплашено. Запустеноста во загадените и исчадени полиња. Скршените џамии, сувите гранки на недогорените стебла. Жалниот кловн од циркусот кој се враќа по претстава во провинциските места на несреќното детство. Напуштените домови… Овој свет стои на работ на исчезнувањето. Тоа се пејзажите во кои никој повеќе не живее. Искршени ламби од бандери по улиците на раселените населби. Низ сликарството на овој мистичен сликар влегуваме во целосно друг свет, свет со друга логика. Свет кој може да го види и разбере некое дете со треска и висока температура.

Во филмот „Процес“ според книгата на Франц Кафка, режисерот Орсон Велс на самиот почеток предупредува: „Оваа приказна не оди по логиката на стварноста и нормалното, овој настан се случил според логиката на кошмарите“. Не можете да останете мирни пред сликите на Куновски ако во себе ја носите свесноста на чудното и нереалното. Две маски се клештат набиени на штици поставени во некое празно поле. Од металните цевки на сообраќајните знаци, наместо знак стои лицето на сликарот. Ништо не е подредено според поредокот на светот. Грипозната ноќ е долга и темна, густото индиго ќе ги проголта сите здрави луѓе, ќе ги преслика во некој друг празен свет, а болните ќе скитаат низ мрачните предели со маски на устите, зјапајќи во просторот. Од сакатените тела во сивото поле излегува чудна пареа, од главите се подига чад. Една манекенка направена од бизарни ткаенини со копчиња сошиени на трупци сака да ја покаже својата еротичност. Мувите доаѓаат кон телата. Страшилото во пустото поле е запалено и гавранот е престрашен да остане. Черепот на еден незнаен војник обележан со шифра е дом на инсектите. На патот останале само црните сенки од бандерите. Заклучени во оловното небо дланките бараат спас, но излез нема… Влада Урошевиќ во самите почетоци на сликарската одисеја, кога младиот Куновски ги направил првите изложби, запишал некаде: „Катастрофата е навистина стравична, но човекот е нејзиниот виновник и тој самиот си ја има избрано таа судбина, како да велат овие слики. Всушност, судбината на човекот тука е дадена мошне посредно: дури и вистинска човечка фигура е мошне ретка на овие слики. Место неа тука владее нејзиниот предвид, она што ја заменува: маска, плашило, кројачки манекен, кип. Тоа е само остаток од човекот, човек оттуѓен од својата сопствена природа, бедна замена на неговиот лик. Сликите на Куновски се смеат врз склоноста на овој век кон идолатрија, се подбиваат со двојноста на човекот, со неговата надворешна обвивка која честопати се заканува да го заземе примарното место во рангирањето на вредностите.“

Кога првпат ги видел филмовите на Тарковски, Ингмар Бергман се воодушевил од тоа колку младиот режисер успеал да ја избрише границата меѓу стварноста и сонот, како конечно сонот и јавето станеле еден свет кој функционира беспрекорно. „Таму каде што ние бевме гости во експериментирањето со соништата, тој веќе беше домаќин.“ Такви се сликите на Спасе Куновски, границите меѓу мечтите и остварувањата, смртта и животот, сонот и јавето, реалното и имагинарното, желбите и минливоста, не постојат… Постои само испреплетена бодликава жица која го дели светот на децата и возрасните, оние кои сонуваат и оние кои живеат во логорите на стварноста.

„Апсурден портрет“

Во последниот автопортрет од 1975 година сликарот се претставил како распнато битие приклештено и заборавено меѓу жиците за сушење алишта. Цигарата догорува протната низ белото платно на кое не знаеме што пишува. Дали е тоа тестамент? Дали се таму запишани тајните на сликарството? Какви мистерии крие тоа парче материјал обесено со пластични штипки кое потсетува на ризата на Вероника?

Не знаеме. Гледаме и свесни сме дека последниот дим од цигарата ќе ја запали таа бела материја, горејќи го и лицето на уметникот кое ќе исчезне пред нас за миг. Како сон во сон. Затоа што сè што некогаш постоело и ќе постои – сè е само в сонот сон.

„Метафизичка носталгија“

Текстот е оригинално објавен во септемврискиот број на „Зенит“ – списание за наука, литература, култура и уметност.

Сподели