Пишува: Пиле Шарено
Беше тоа една сосема едноставна златна венчална бурма, каква што вообичаено разменуваа младоженците, во некогашните скромни времиња и околности на седумдесеттите години од минатиот век. Духот на егалитаризмот, на кој сите во нејзината генерација беа горди, налагаше да не се придава особено значење на тој симболичен момент на ветување вечна љубов. Свадбите пак беа реликвија на минатото и најголем престиж во генерацијата уживаа оние парови кои ќе завршеа само на матичар. По можност со кумовите и никој друг.
Со тек на време, кое се истегна во децении, бурмата напросто срасна со домалиот прст на кој ја носеше. Некогаш од чиста љубопитност, ќе се обидеше да ја извади, но златната венчална бурма не се даваше.
Пред неколку години забележа дека само таа ја носи венчалната бурма. Каде ли е другата, си помисли, и зошто не е таму каде што би требало да биде, на домалиот прст на нејзиниот маж? Не ги драматизираше јавно своите сомневања. Беа долго во брак. Покрај тоа, по природа беше трпелива и толерантна. Се обиде најнапред да најде рационално објаснување:
Мажите обично не носат бурми.
Тоа не мора ништо да значи.
Бурмата не е најважното нешто во брачните односи.
Можеби случајно ја загубил или затурил негде.
Потоа почна да се вознемирува, особено кога сфати дека неговиот телефон е од скоро заклучан, како и лап-топот:
Дали сака да каже дека се е готово?
Нешто крие?
За секој случај, побара по библиотечните полици. Дури се поткачи на столица да ги провери оние погоре. На една од нив светкаше оствената бурма. Срцето болно ѝ се стегна. Зошто?
Зарем немаше среќни моменти во долгиот брачен живот?
Зарем нивниот брак не важеше за хармоничен?
Ја зеде бурмата и ја стави во нејзината фиока, со надеж дека тоа ќе биде забележано и ќе следува сосема прифатливо објаснување. Не беше забележано ни тогаш ни после. Не знаше што да прави. Реши да не избрзува, да сочека, времето да каже. Живееше како во грозница. Деновите некако врвеа со обврски, но ноќите беа долги и тешки. Плачеше често. Се обиде да започне разговор, но тој завршуваше со меѓусебни обвинувања. Во лутина се сети на едно ланче кое некогаш могу ѝ значеше, но подоцна кога се омажи, го стави меѓу ситниот накит што го поседуваше и го забораави. Тоа беше подарок од првото момче со кое се гледаше во гимназија. На ланчето висеше златна латинична буква I, првата од неговото име. Го закачи на вратот и се погледна во огледало. Без некоја посебна причина, малку ѝ олесни.
Пред влегување во опрационата сала, сестрата ја замоли: „Симнете го сиот накит што го имате на себе.“ Вниматело го симна прстенот од бело злато, подарок од мајка ѝ. Потоа го извади модерниот сребрен прстен, подарок од ќерка ѝ. Со посебно внимание го извади ланчето на кое висеше златната латинична буква I. Се’ стави во кутивче кое потоа го смести во фиоката на металнното болничко шкафче. На крај се обиде да ја извади венчалната бурма. Никако не ѝ поаѓаше од рака, иако беше видно ослабната. Стави сапун и повторно се обиде. Ништо. Неколку жени од болничката соба прискокнаа на помош со совети. На крај сестрата рече: „Па добро, оставете ја“! Со чудна внатрешна решеност, сепак ја истрага бурмата од рака и ја стави во кутивчето.
Интервенцијата заврши и кога по неколку дена го доби отпусниот лист, почна да се подготвува за излегување од болница. Го извади кутивчето од фиоката на болничкото шкафче и го стави одново прстенот од бело злато, подарок од мајка ѝ на едната рака. На другата го стави сребрениот прстен, подарок од ќерка ѝ. Со големо внимание го закачи на вратот ланчето со златната латинична буквата I и провери дали е безбедно закопчано. Венчалната бурма остана во кутивчето.
Насловна фотографија: Генерирана со Ideogram





