Подобрување на инфраструктурата, оптимизација на училишната мрежа и воведување на едносменска работа, нов концепт на матура, развој и промоција на неформалното образование и нова законска регулатива во високото образование и науката се дел од Стратегија за образование 2026-2032 која беше во фокус на дебатата што се одржа вчера на Филозофскиот факултет во Скопје.
Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска имплементацијата на документот ќе обезбеди поквалитетен национален образовен систем.
– Фокусот е ставен на развој на нова програма за предучилишно образование, инклузија во основното и средното образование и примена на нови формули за финансирање на училиштата. Имплементацијата на документот ќе обезбеди поквалитетен национален образовен систем – вели таа.
Во изработката на нацрт-верзијата учествуваа Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ, Светска банка, ГИЗ, УНДП, Бирото за развој на образованието, Центарот за развој на стручното образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, универзитетски професори, невладиниот сектор. Стратегијата е објавена на ЕНЕР систем минатиот месец. По интегрирањето на дел од пристигнатите сугестии, се очекува документот да биде усвоен до крајот на јануари, информираат од МОН.





