Концерт на врвниот виолинист Теди Папаврами и пијанистката Маки Окада со Македонската филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва во 20 часот ќе го одржи концертот „Јинг-Јанг“ на кој солистички ќе настапат врвниот виолинист Теди Папаврами (Албанија, Велика Британија) и пијанистката Маки Окада (Јапонија, Швајцарија). Диригент е Олси Кинами. На програмата се увертира од операта „Крадливата страчка“ од Џоакино Росини, Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во Де-дур, оп. 6 од Николо Паганини и Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во е-мол, оп. 11 од Фредерик Шопен.

Кога Теди Папаврами пристигнал во Франција на млада возраст, се соочил со земја и култура што му биле целосно непознати. Поттикнат од природна љубопитност споена со силна желба да го совлада францускиот јазик, но и да ја надмине почетната осаменост, се нурнал во читање дела од Пруст, Флобер, Достоевски, Чехов, Кафка…, сè на француски. Она што го прави Теди Папаврами уникатен и редок музичар, е неговата љубопитност за сè што лежи зад границите. Во комбинација со неговите високи уметнички и интелектуални стандарди, тоа му овозможило да го премости огромниот јаз помеѓу неговото потекло и новите хоризонти. Затоа, кога преведувачот Јусуф Вриони починал во 2000 година, не било изненадување што Теди Папаврами ја презел задачата да ги преведе на француски делата на албанскиот автор Исмаил Кадаре, кого го познавал уште како дете. Така, тој водел професионален живот надвор од музиката и од виолината.

Во 2013 година, во истиот дух, ја објавил својата книга за сопствената младост Fugue pour violon seul на француски. Универзално пофалена од критиката, книгата ја раскажува неговата траекторија како чудо од дете од Албанија и неговото преминување кон Западот и слободата. Во 2003 година, пак, кога актерката Жан Моро го запознала Теди во една телевизиска емисија, таа воопшто не се двоумела да го ангажира да ја игра улогата на Дансени виолинистот, заедно со Катрин Денев, Руперт Еверет и Настасја Кински, во ТВ-минисеријата на Жозе Дајан според „Опасни врски“. Таквиот широк спектар активности и интереси веројатно не би бил можен без исклучителната музичка развиеност комбинирана со долги часови работа од најрана возраст. Виолината отсекогаш била дел од неговиот живот. Се запознал со неа на петгодишна возраст благодарение на својот татко, блескав педагог со долгогодишно искуство. Напредувал многу брзо, и по само три години настапил со Тиранската филхармонија изведувајќи ги „Airs Bohémiens“ од Сарасате. На само 11 години го извел Концертот бр. 1 од Паганини со познатата комплексна каденца на Емил Соре. Албанија со децении била изолирана од остатокот на светот, но кога францускиот флејтист Ален Марион одржал концерт во Тирана, го слушнал младиот виртуоз и веднаш му овозможил стипендија од француската влада да дојде и да се школува во Париз. Така, неговата кариера значително се изменила.

По завршувањето на студиите на Music School Toho Gakuen во Токио, Маки Окада ги продолжила студиите во Франција. Во 2008 година ја добила дипломата DEMS на парискиот CNR, во класата на Жан-Мари Коте. Понатаму продолжила да студира под водство на пијанистката Елена Розанова. По враќањето во Јапонија, Маки Окада продолжила да дејствува како концертна пијанистка, одржувајќи бројни рецитали, но и како солистка со оркестри и во камерни состави. Во 2011 година, Симфонискиот оркестар на Киев ја придружувал во изведбата на Концертот за пијано бр. 3 од Рахмањинов. Во 2013 година, ги извела сите прелудиуми од Дебиси во Токио. Во 2017 година, главен фокус ѝ бил соло пијано програма посветена на Бах и Рахмањинов во Кјото и во Токио. Врските што ги создала за тоа време со Франција и Европа, значително го одбележале нејзиниот музички развој. Денес, таа се фокусира на репертоар за виолина и пијано, во соработка со виолинистот Теди Папаврами. Заедно, во 2018 година ја освоиле наградата „Barocksaal“ во Кјото, доделена за најдобар концерт на сезоната.

Сподели