Театар Комедија годинава ќе го прослави Светскиот ден на театарот (27 март) со премиера на претстава според македонскиот автор Митко Чешларов. Претставата ја режира Наташа Поплавска, а во тек се нејзините подготовки. Од првата премиера на Театар Комедија во 2012 година со наслов „Ах љубов моја“, претставата „Кој сум јас?“ ќе биде 55 премиера на Театар Комедија со што свечено ќе се одбележат 15 години богат репертоар.
Театар Комедија годинава ќе биде и домаќин на Генералното собрание на „Еуродрам“ – Европската мрежа за современа драма и превод. Во мрежата членуваат 30 јазички комитети од Европа и ова за нас ќе претставува голем организациски предизвик. Несомнено дека ќе бидеме срдечни домаќини, вели Дарко Спасов, директор на Театар Комедија.
– Деновиве ќе го поставиме и муралот на западната страна на театарот, со наслов Македонската сивка. Театар Комедија на овој начин се вклучува во акцијата за заштита на ендемскиот вид пеперуга, која како и балканскиот рис (мурал од 2025 година) се дел од природното богатство на Македонија. Театар Комедија ја поддржува секоја еколошка акција за заштита и освестување на одговорноста кон грижата за околината и заедничкото живеење – вели Спасов.
Дваесетина претстави ќе бидат и годинава на репертоарот на најпосетениот театар во земјава. Спасов вели дека немаат фаворити, но дека имаат претстави за различни вкусови и различни естетики.
– Репертоарот го правиме за целата публика, но и за ансамблот во напиот театар, за низ различни процеси да креираме и созреваме и ние како театар, а и публиката, која е љубопитна, желно нѐ следи и бара разновиден репертоар – вели тој.
Годинава нема да изостане и меѓународната активност на театар. Се планира гостување на фестивалот посветен на Витолд Гомбрович во Радом, Полска, каде ќе гостуваат со претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“.
– Особено нѐ радува тоа што полската публика ќе може да го слушне нивниот великан, Гомбрович, на македонски јазик. Тимот за меѓународна соработка од Театар Комедија успешно нѐ поврзува. Очекуваме уште неколу гостувања – вели Спасов.
Театар Комедија и годинава нема да ја изостави издавачката дејност. Веќе се подготвува преводот на книгата „После мене белина“ од Мартин Кушеј, што се очекува да излезе на виделина во септември година. Од театарот очекуват дека овој наслов сериозно ќе привлече театарска и книжевна критика.





