„Сина сенка“ на „Златен Елец“ ги затвора Деновите на независна сцена во Драмски

Со претставата „Сина сенка“ на режисерката Тамара Стојаноска, во продукција на „Златен Елец“, вечерва во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје ќе бидат затворени Деновите на независна продукција. Текстот е на авторот Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик го направи Сашо Огненовски. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани ги изработи Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.

Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.

-Претставата продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – се вели во експликацијата на претставата.

Сподели