Со претставата „Сина сенка“ на режисерката Тамара Стојаноска, во продукција на „Златен Елец“, вечерва во 20 часот во Драмскиот театар во Скопје ќе бидат затворени Деновите на независна продукција. Текстот е на авторот Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик го направи Сашо Огненовски. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани ги изработи Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.
Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
-Претставата продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – се вели во експликацијата на претставата.





