Две претстави на македонскиот режисер Александар Поповски се најдоа на листата на најзначајни создадени во Хрватска во изминатите 25 години. Листата ја создаде почитуваниот портал за култура tportal.hr, односно театарската критичарка Геа Влаховиќ. На листата се најде претставата „Буре барут“, култниот текст на Дејан Дуковски, што Поповски ја постави во 2000 година во Сатиричното казалиште Керемпух во Загреб.
-Претстава што прецизно го погоди поствоениот момент. Фрагментарната структура и суровата енергија ја направија една од ретките театарски продукции од тој период што влегоа во поширокиот општествен разговор за насилството и нормализацијата на бруталноста – пишува Влаховиќ.

Втора издвоена претстава на Александар Поповски е „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, што ја постави во театарот „Гавела“ во 2007 година.
-Ова е пример за успешна трансформација на класичен текст во комуникативен и визуелно препознатлив театарски настан. Претставата го потврди Поповски како режисер кој успева да го спои авторскиот ракопис со висока видливост и широка публика – стои во текстот.
Овој избор не настојува да воспостави конечен канон на хрватскиот театар, туку од временска дистанца да согледа што навистина се случило на сцената во првите 25 години од новиот милениум. Даваме преглед на претстави кои во своето време биле гледани, оспорувани или силно присутни во јавниот простор, и кои преку реакциите на публиката и медиумите го обележале односот на театарот кон општеството во кое настанувале, пишува авторката.
Повеќе за сите избрани претстави, читајте на следниот ЛИНК.
Истиот медиум, во декември објави листа на десет претстави што ја одбележаа годината во театарот во Хрватска. Уште една претстава на Ацо Поповски се најде меѓу најдобрите. Станува збор за „Сирано“ на „Гавела“.
Насловна фотографија: Сцена од „Сон на летната ноќ“, „Гавела“





