Од печат излезе романот „Прегорување“ од современиот чешки писател Петр Шестак, во издание на „Македоника литера“. Преводот од чешки на македонски јазик го направи на Наталија Тоневска-Каровска. Романот обработува современа тема – урбаниот велосипедизам, поточно, тој претставува фрагментарен монолог од курир кој вози велосипед низ градот, доставувајќи храна до оние кои се посреќни и поуспешни од него. Тој е современ работник, извршител на услужни работи, доставувач на нарачки на платформа, а себеси се смета за претприемач. Тој нема шефови над себе, но тиранијата на шефовите е заменета со тиранијата на алгоритмите. Нема шефови, но нема ниту перспектива некогаш да стане шеф. Сè додека може физички да работи, тој ќе заработува само за живот. Курирот никогаш не заработува доволно за да слезе од велосипедот.
Петр Шестак (1981) е чешки прозаист, сценарист и фотограф. Дипломирал чешки јазик на Педагошкиот факултет на Карловиот универзитет во Прага. Пишувал сценарија за патописна серија што се емитувала на Чешката телевизија и бил вклучен во нејзиното снимање во Монголија и на островите на Француските Западни Инди. Две години живеел во камп-приколка додека патувал низ Европа со мобилна изложба на фотографии. Неговите искуства од номадскиот живот се внесени во поетската, филозофска патописната книга „Номадска галерија“ (2014). Неговата збирка кратки раскази „Ловот“ (2015) исто така се потпира на неговите престои во странство. Неговата трета книга, „Континуитет во паркот“ (2021), привлече одлични критики и наиде на силен одзив кај читателите. Паралелно со неговото најново дело, романескна приказна за животот на луѓето во светот на автомобили „Прегорување“, авторот ја објави и својата книга за деца „Патот е куче“ (2023). За најуспешна негова книга се смета „Прегорување“. Негови книги веќе се објавени на неколку јазици.





