Прилепската публика 55 години го сака, го знае и го наградува театарот

Многу ми е мило што оваа награда ја земам токму сега, на јубилејното 55. издание на Фестивалот. Околу 30 години сум учествувал на Фестивалот и сакам да ù се заблагодарам на прилепската публика која сите овие 55 години го сака, го знае и го наградува театарот. Театарот е разонода и не само во овие тешки времиња од ковидот, туку, воопшто, во животот и многу е добро да се дојде во театар, да се гледаат претстави. Театарот е мојот живот, би рекол, и додека ме повикуваат, јас ќе играм во претстави – изјави актерот Борис Чоревски, синоќа откако ја прими наградата за животно дело на фестигвалот „Војдан Чернодрински“.

Борис Чоревски

Заедно со него, беа наградени и актерот Емил Рубен и сценографот Крсте С. Џидров. Наградите им ги врачи градоначалникот Илија Јованоски.

Добитниците истакнаа дека им е посебна е честа што ги добиваат наградите токму на јубилејното 55-то издание на Фестивалот на кој со децении се присутни во бројни претстави.

Крсте Џидров

Сценографот Крсте Џидров рече дека четириесетина години доаѓа на Фестивалот со сценографии за претстави.

– Сум соработувал со сите македонски професионални театри и сум добивал награди. Досега сум направил вкупно 160 сценографии за претстави во земјава и надвор од неа. Посебно ми е драго што ја добив наградата за животно дело токму на јубилејниот 55. фестивал. За комплетните сценографии заслужни се актерите, режисерите, зашто јас сум човек „на повик“, да направам сценографија за претстава. И голема е помошта и од техничкиот персонал за правењето на сценографијата. Тоа е тимска работа“, рече сценографот Крсте Џидров.

Актерот Емил Рубен, заблагодарувајќи се за наградата се присети на настани од пред години на фестивалот, кога одбиле да играат претстава и посочи дека со доделувањето на наградата за животно дело прилепската публика му простила за тој чин.

Емил Рубен

На отворањето на фестивалот се обрати и уметничкиот директор на фестивалот, Катарина Коцевска Хаџи Василева, која посочи дека 13 претстави „во време во кое е тешко да се работи ќе бидат наредните денови на сцените во Прилеп.

Катерина Коцевска Хаџи Василева

– На моите драги колеги од срце им ја честитам наградата за животно дело. Уметниците немаат години, затоа им посакувам уште долги години да творите на сцената и да нè радувате. Се надевам дека идната година првиот петок во јуни ќе биде со полн салон, ќе бидеме здрави, а дотогаш да се радуваме на ова што го имаме “ рече Катарина Коцевска Хаџи Василева.

Фестивалот го отворија актерите од Македонскиот народен театар со претставата „Мој термин“.

Фотографии: МТФ „Војдан Чернодрински“

Сподели