Две сребрени и две бронзени медали освоија средношколците од Македонија на 3. Балканска олимпијада по физика која заврши денеска. Јан Стојановски, од „Јахја Кемал“ од Скопје и Мајкл Георгиевски, ученик во „Добри Даскалов“ во Кавадарци освоија сребро, а ученичките Емилија Николовска од „Математичко-информатичката гимназија“ од Скопје и Сандра Недановска од „Јахја Кемал“ освоина бронзи. Водачи на тимот беа м-р асс. Христијан Кочанковски (лидер) и проф. д-р Ламбе Барандовски (заменик-лидер) од Друштвото на физичари на Република Македонија (ДФРМ) и Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, локални организиатори на настанот.

– Ваквиот резултат преставува најголем успех на ученици од Македонија и на ДФРМ на една олимпијада по физика. Голема благодарност до сите кои ја следат и подржуваат нашата работа со младите таленти од Македонија и на сите членови на Институтот за физика и ДФРМ кои изминативе години потрошија значителен дел од своето слободно време вложувајќи во подготовката на учениците и промоцијата на физиката во основните и средните училишта – велат од ДФРМ.

Олимпијадата се одржа од 24 септември до 2 октомври, а ја организираа Балканското унија на физичари и Бугарското друштво на физичари. Поради пандемијата олимпијадата се одржа на далечина. На олимпијадата учествуваа 57 ученици од Македонија, Србија, Црна Гора, Грција, Кипар, Турција, Романија, Бугарија, Албанија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Словенија, Туркменистан, Казахстан и Иран.

Фото: ДФРМ

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.