Нејзин најголем успех на меѓународен натпревар годинава беше Интернационалниот вокален натпревар „American Protégé“, на кое ја освоила втората награда и добила покана за учество на рецитал во „Карнеги хол“ наредната сезона

Музиката ми е најважниот дел од животот и секојдневието ми е исполнето со пеење, свирење, танцување, компонирањe, вели 18-годишната Ангела Маџирова од Богданци. Таа ја ужива музиката на свој начини – настапува на натпревари, одржува концерти, го посетува средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип. Ангела е матурантка во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. Таа е благодарна за целосната поддршка што ја имала од своите професори и од целото училиште.

Ангела на настап на фестивалот „Езерски бисери“

– „Јахја Кемал“ е училиште каде ги препознаваат талентите, без разлика дали е тоа музика, уметност, математика, биологија и работат со нас за да ги оствариме своите цели – вели Ангела.
Годинава настапувала на повеќе меѓународни натпревари и фестивали.
– Ме привлекуваат скоро сите жанрови, но сум посебно наклонета кон рок и класичната музика, заедно со мјузиклите. Би го издвоила Интернационалниот младински музички натпревар во Атланта, САД во категоријата Бродвеј, Дизни и мјузикли, „Genius“ олимпијадата во Рочестер, САД, учество на Интеркултурниот музички фестивал во Аргентина, како и на Меѓународниот арт фестивал „Езерски бисери“ во Струга – вели Ангела.

Нејзин најголем успех на меѓународен натпревар годинава беше Интернационалниот вокален натпревар „American Protégé“, на кое ја освоила втората награда и добила покана за учество на рецитал во „Карнеги хол“ наредната сезона.
– На натпреварот учествував со три песни, „On My Own“ од мјузиклот „Les Misèrables“, „She Used To Be Mine“ од „Waitress“ и „The Worst Pies In London“ од „Sweeney Todd: The Demon Barber Of Fleet Street“, а се подготвував со поддршка од професорката Ана Костадиновска. Повеќето од натпреварите се одржаа онлајн што беше малку поразлично искуство, но сепак, го извлековме најдоброто од дадените можности – споделува Маџирова.
Неодамна таа одржа концерт со бродвејски мелодии во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во своето родно место.

Ангела Маџирова

– Концертот беше еден несекојдневен настан поради самиот концепт; беа изведувани дела од мјузикли во вистински бродвејски манир – пеење, глума, танц.
Ангела е сестрано девојче кое посветува внимание на своите интереси. Вели дека со добра организација и поставување приоритети, постигнува се што ќе замисли.

Од настапот во Домот на културата во Богданци

– Се трудам да направам добар распоред за да ми остане слободно време за дружење, како и посета на концерти, културни настани итн – вели таа.
Каде после средното образование? Ангела сака да го надгради своето музичко знаење.
– Во иднина се гледам како музички уметник во областа на мјузиклите и творењето, како и во класичната и естрадната музика.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.