По кратко боледување на 75-годишна возраст почина Драган Б. Костиќ, еден од најпопуларните радиоводители и музички новинари во Македонија. Токму во ноември минатата година, Костиќ прослави 50 години од радиоемисијата „Диско селектор“ со настанот „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“.
Роден во Скопје во 1950 година, Костиќ ја започнал кариерата во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се како со својот глас, така и со емисиите „Диско селектор“, која почна да се емитува во јуни 1974 и „Заборави ако можеш“, која ја водеше од 1991. Втората го доживеа своето 4.500 издание во октомври 2013.
Покрај радиото, Костиќ се испроба и во другите медиуми, па го имаше своето шоу „Б со точка“ на телевизијата „Телма“ и ја водеше онлајн емисијата „Кавервил“. Костиќ беше и еден од легендарните скопски диџеи и голем колекционер на музика.
Погребот ќе се одржи утре од 12:30 часот на Градските гробишта во Бутел.





