Ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“ ќе биде отворена вечерва во 19 часот во Чифте Амам во Старата чаршија во Скопје. Изложбата ќе фрли поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари, партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер. Од уметничката продукција искажуваат дека изминатава година оствариле истражувачки и продукциски процес, со цел да ја споделат слоевитоста на
наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, ни го имаат оставено сите нам.

Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова за изложбата напиша: „(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и
уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија. Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната
изградба на слободата, онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва. Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме“.

Организаторите од „Атриум“, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, упатуваат
огромна благодарност кон блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на оваа изложба, Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска
со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска и Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња
Абаџиева Димитрова. Истражувачки тим: Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски. Проектен тим: Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска. Авторки на текстови во публикација: Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска Одговорна уредничка на публикација: Ива Рајчевска Соработничка во уредништво на публикација: Веда Ивановска. Дизајнерка на постер: Ива Јованова Фотографија: Александра Костадиновска. Видеото е на Исток Чаповски.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и „Контура“. Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.






