57 отсто од мајките и само 5 отсто од татковците ги поттикнуваат децата на учење преку игра

„Учење преку игра и образование во раното детство“ е насловот на новата иницијатива која промовира интегрирани пристапи кон играта во раното детство. Почетокот на проектот беше назначен во градинката „Младост-Риниа“ во Тетово, со претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНИЦЕФ и партнерите. Иницијативата е поддржана од Фондацијата „Плејмобил“ и е дел од пошироката програма на УНИЦЕФ за унапредување на развојот во раното детство. Целта на програмата е да обезбеди сите деца да имаат континуирани можности за развој и учење преку игра, без разлика на нивното потекло или околности.

Пристапите на учење преку игра треба да станат суштински дел од раното детско образование.

– Вложувањето во раниот детски развој е вложување во иднината на нашето општество. Играта е јазикот на децата – преку неа тие учат, растат и се подготвуваат за живот – вели Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.

Како дел од иницијативата, Фондацијата „Плејмобил“ донираше повеќе од 9.000 сетови за игра на УНИЦЕФ. Тие се распределени во сите јавни градинки и други установи за згрижување деца. Се користат за да им се помогне на децата да учат на забавен и интересен начин за здравата исхрана, рециклирањето, заштитата на животната средина и рамноправноста помеѓу момчињата и девојчињата.

– Играта има суштинско значење за учењето, здравјето и отпорноста на децата. Од најраните денови од животот, интеракциите преку игра го стимулираат развојот на мозокот и помагаат да се изградат сигурни емоционални врски. За децата од предучилишна возраст, играта претставува можност да ги истражат своите способности, да ја негуваат љубопитноста, да изградат самодоверба и да ги постават темелите за доживотното учење – вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.

И покрај овие придобивки, значењето на учењето преку игра недоволно се препознава во Македонија. Статистиката покажува дека 57 отсто од мајките и само 5 отсто од татковците учествуваат во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3 до 4 години.

За да се надмине овој јаз, иницијативата ќе обезбеди и поддршка за родителите и старателите преку градење на капацитетите на патронажните сестри и проширување на апликацијата за родителство „Bebbo“ со информации, ресурси и стратегии за вклучување на играта во секојдневниот живот.

– Со задоволство го поддржуваме овој вреден проект, и преку донација и преку „Плејмобил“ материјали. Со интерес ќе го следиме не само развојот на наставната програма, туку и како ќе се прошируваат можностите за учење и развој преку игра – велат Андреа Мерингер и Флоријан Лефлер, членови на Управниот одбор на Фондацијата.

Фото: УНИЦЕФ Северна Македонија

Сподели