Ниту еден бугарски писател не одбил да биде преведен на македонски. Ниту еден македонски писател не одбил настап во Бугарија и претставување на превод пред нивната публика. Луѓето кои длабоко и најчесто неосновано се мразат едни со други, воопшто и не читаат книги
Преведувањето не е само механичко претворање на зборовите од еден јазик во друг, без разлика дали станува збор за сроден или апсолутно различен јазик. Преведувањето е нурнување и во историјата, културата, музиката, битот и фолклорот на народот од чиј јазик преведуваме – вели Душко Крстевски, преведувач на литература од бугарски автори на македонски јазик и обратно. Денес е 30 септември, Светски ден на преведувањето. Крстевски дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде е магистранд по македонска литература. Застапуван е во неколку антологии на македонската млада поезија. Преведува од бугарски јазик, како за домашната културна сцена така и во рамките на интернационалниот проект „Across Europe“.
Колку време се бавите со превод од и на бугарски јазик?
– Првите раскази ги преведов околу 2008 година. Сè започна некако бавно и срамежливо, со по неколку раскази во годината, за потоа да се осмелам да преведам цела збирка раскази и романи. Започнав со расказите на Здравка Евтимова, Елена Алексиева и Русана Брдарска за потребите на две антологии на јужнословенскиот разказ.
На кои наслови се потпишувате во последните десетина години?
– Преведов дел од расказите и романите на Георги Господинов – „Физика на тагата“, „И сè стана месечина“, „Сите наши тела“, две книги раскази од Алек Попов – „Црната кутија“ и „Митологија на транзицијата“ која беше промовирана пред само неколку дни, прекрасниот on the road роман на Захари Карабашлиев „18% Сиво“, неколку дела од Здравка Евтимова – „Четврток“, „Една иста река“, „Пернички раскази“, прекрасниот роман на Виктор Пасков „Германија – валкана приказна“, дела од Александар Секулов, збирката раскази од Калин Терзиски „Љубовта на 35-годишната женa“ и други.

Душко Крстевски
Велат: да не е преводот, многу автори ќе останат само национални автори. Што за Вас претставува преведувањето?
– Преведувањето не е само механичко претворање на зборовите од еден јазик во друг, без разлика дали станува збор за сроден или апсолутно различен јазик. Преведувањето е нурнување и во историјата, културата, музиката, битот и фолклорот на народот од чиј јазик преведуваме. Современата бугарска литература, особено некои од најпознатите имиња се преведени на речиси сите словенски јазици, па и пошироко. Поразителен е фактот што македонските преводи на дела од бугарски јазик до пред неколку години доцнеа зад останатите преводи на Балканот.

Имате ли некаква претстава колку дела на бугарски јазик се преведени од наши автори, а и обратно?
– Навистина не сум правел ваква статистика. Познати ми се некои преводи на дела од претходно, делата најчесто се преведувани од наши писатели и поети. Верувам дека поради јазичната блискост се осмелуваат многу од нив да преведуваат од јазикот за кој кај нас не постои факултет каде може организирано, систематски и темелно да се изучува.
Сметате ли дека културата може да биде посилна од политиката и дека токму преку литературата и преводите можеме да ги надминеме пречките што ги создава политиката?
– Културата е многу посилна од дневната политика. Ниту еден бугарски писател не одбил да биде преведен на македонски. Ниту еден македонски писател не одбил настап во Бугарија и претставување на превод пред нивната публика. Луѓето кои длабоко и најчесто неосновано се мразат едни со други, воопшто и не читаат книги. Тие не се таргет групата за тоа што писателите и преведувачите го креираат.
Дали сте горд што благодарение на Ваш превод сте успеале да донесете некој автор пред македонската публика?
– Се разбира дека е убаво чувството да знаеш дека некој веќе познат автор се фасцинирал од македонската публика и дека станал омилен нивни писател, но уште поубаво е кога ќе успееш некој релативно непознат автор надвор од територијата на Бугарија, да го претставиш на своите читатели и да му отвориш пат за понатамошни гостувања и награди.
На што сте фокусиран периодов, дали преведувате некое дело?
– Моментално го привршувам преводот на најновиот роман на Георги Господинов. Прекрасно дело кое нема да ги остави рамнодушни сите оние на кои им се допадна романот „Физика на тагата“. Има многу нешта што го прават овој роман како некое „неофицијално“ продолжение на „Физиката…

Книгата раскази на Алек Попов во превод на Крстевски беше промовирана неодамна во Скопје
Насловна фотографија: фестивал „АртАреа“





