Исландскиот композитор Олафур Арналдс објави своја портретна фотографија, како намигнува зад проѕирното стакло на наградата што му ја додели Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Тој беше артист во фокус на седмото издание на фестивалот, кој му ја испрати наградата на Исланд.
Фестивалот му додели награда на популарниот композитор за негови достигнувања во музиката и филмот, а и го отвори фестивалот со неговиот филм „Кога ќе се родиме.“ Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019), Влатко Стефановски (2019) ибендот New Order (2020). Фестивалот го организира Здружението „Номад-Арт“ од Скопје и оваа година беше организирано во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата Милан Младеновиќ. Визуелните решенија вклучувајќи го и дизајнот на самата награда се дело на Дијана Димитриевска.





