Објавена рутата на 17. Скопски маратон што ќе се одржи в недела

Околу 7.000 натпреварувачи од 40 земји од светот ќе учествуваат на 17. „Виз ер скопски маратон“ кој ќе се одржи во недела. Во организацијата на најмасовниот спортски настан во градов вклучени се стотици волонтери и професионалци. Стартот на полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон ќе биде во 8 часот, додека стартот на трката на 5 километри е во 8.10 часот од платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Натпреварувачите ќе трчаат од стартот, по улицата Бледски договор до булеварот Илинден, десно по булеварот до крстосницата со улицата Љубљанска и по неа право на Московска, па десно по улицата Војвода Васил Чакаларов, на крајот од улицата се врти полукружно назад, кога ќе се вратат кај Студентскиот дом „Гоце Делчев“ се продолжува право по булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, по улиците Димитрие Чуповски, 11 Октомври, Крушевска република, Трета македонска бригада, Фрањо Клуз, булеварот Јане Сандански до крајот (раскрсница со булевар Србија), пред семафорот со булевар Србија се врти полукружно назад (на истата коловозна лента) по булевар Јане Сандански, Фрањо Клуз, Трета македонска бригада, Крушевска република, 11 Октомври, по Димитрие Чуповски до раскрсницата десно на булевар Свети Климент Охридски до булевар Илинден, лево кај Влада на Република Северна Македонија до целта, платото пред СЦ „Борис Трајковски“.

Градот Скопје обезбеди целосна логистичка и делумна финансиска помош на организаторите на маратонот.

Сподели