Долго не сме соработувале конкретно на прашањето на реставрација на филмови, но се надеваме дека наскоро и тоа ќе се случи – вели првиот човек на Кинотеката во Белград

Кинотеките на Србија и на Македонија имаат повеќегодишна соработка и пријателство. Заеднички проекти, размена на знаења, размена на филмови од своите архиви, ова се само дел од активностите што ова пријателство го прават силно, вели Југослав Пантелиќ, директор на Југословенската кинотека. Неодамна тој беше гостин во Скопје, по повод прикажувањето на реставрираната копија на комедијата „Кој тоа таму пее“. Планираната поголема ретроспектива на југословенски филмови беше одложена, поради деновите на жалост. Пантелиќ е и уметнички директор на Филмскиот фестивал „Фест“, кој годинава одбележува 50 години постоење.

Каква е соработката помеѓу Кинотеката на Србија и македонската Кинотека?

– Соработката на нашите институции по распаѓањето на СФРЈ трае веќе безмалку четврт век. Претставници на Југословенската кинотека учествуваа на Симпозиумот на историјата на балканскиот филм во Скопје уште пред 20 години. Од друга страна, претставници на Кинoтеката на Северна Македонија, цели 20 години доаѓаат како гости и учесници на Фестивалот на нитратниот филм, што го организира Југословенската кинотека. Пред точно десет години во нашето кино, Музејот на Југословенската кинотека се одржаа „Денови на македонската кинотека“, на кои беа прикажани седум играни и еден документарен филм.

Југослав Пантелиќ

Како единствена Кинотека на Балканот што има сопствено Одделение за дигитализација и дигитална реставрација при Архивата на Југословенската кинотека, на потребите на нашите пријатели од Македонија, дигитално реставриравме три играни филма: „Жед“ на Димитри Османли, „Проколнати сме, Ирина“ на Коле Ангеловски и „Хај фај“ на Владимир Блажевски. Исто така, овде се дигитализирани и некои од најзначајните документарни архивски предвоени материјали, како што се „Галичник“, „Скопје 30 март 1941“ итн.

На отворањето на реновираната филмска сала на вашата Кинотека е прикажана програмата „Американската книжевност на филм“, а сите филмови беа добиени преку Архивата на Југословенската кинотека, што исто така го направивме и со други циклуси филмови. При тоа, како гости на отворањето беа претставници на Југословенската кинотека. Сè на сè, во прашање е соработка за пример и повеќе од пријателски односи, кои се продлабочија со ретроспективата на најзначајните српски реставрирани филмови, што претставува наше прво вистинско гостување во С. Македонија, а ќе продолжи со идна соработка на институциите на полето на дигитализацијата, размената на филмски материјали и заеднички проекти.

 Може ли да ни кажете што се содржи архивата на Југословенската кинотека?

– Покрај големиот број филмски копии (позитиви и негативи) се чува и придружна филмска граѓа (сценарија, книги од снимање, дијалог листи…), потоа постери, фотографии, како и разни предмети од историјата на филмот. Константно работиме на збогатувањето на нашите фондови кои за некои идни генерации ќе сведочат за времето и настаните што ја одбележале филмската историја.

Каква поддршка добива Југословенската кинотека од државата?

– Како буџетска установа што се финансира од републичкото Министерство за култура и информирање на Република Србија, добива редовни средства за своите активности, кои се ускладени со планот што го доставуваме до Министерството секоја година, една година порано. Во однос на нашите редовни потреби и однапред испланирани програми и активности, Министерството главно има разбирање и ни излегува во пресрет. За сите останати проекти, за кои државата не е во можност да издвои средства, се трудиме да ги обезбедиме од други извори на финансии – спонзори или соработки со останати институции.

Култниот филм „Кој тоа таму пее“ беше прикажан во Кинотеката

Како ви оди со процесот на дигитализација?

– Процесот на дигитализација што го почнавме пред три и пол години со нашиот партнер А1 компанија како спонзор, всушност влегува во третиот круг од уште десет филмови кои ќе ги реставрираме до средината на 2023 година. Досега низ овој проект дигитално реставриравме 21 домашен филм. Освен тоа, самостојно дигитално реставриравме пет долгометражни и голем број документарни и кратки филмви од првата половина на 20 век. Голем дел од нив се достапни на нашиот јутјуб-канал и на тој начин се обидуваме да им ги приближиме на што поголем број наши гледачи.

Дали имате идни планови со нашата Кинотека?

– Соработката со Кинотеката на С. Македонија секогаш била на заемна радост. Долго не сме соработувале конкретно на прашањето на реставрација на филмови, но се надеваме дека наскоро и тоа ќе се случи. На речиси секое издание на Нитратниот филм, што го организираме секоја година, претставнциите на македонската Кинотека се наши редовни гости и тоа е уште една можност да размениме мислења, идеи и ставови за заедничките проекти и соработки.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.