„Уште, уште, уште…“ довикуваше публиката во Културниот центар „Ла Фабрика“ во чешката престолнина Прага по настапот на членовите на Националниот џез оркестар. Ова е втор настап дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams), посветена на корените, на фолклорот, но во нови аранжмани и музички погледи кон современиот џез. Ла Фабрика е интересен културен центар, место за концерти од различен тип, театарски претстави, изложби…

Во затемнетите простории на некогашната фабрика која денес е вистински културен центар, во опуштена атмосфера, одекнуваа аплаузи за нашите џезери. Седумосминскиот такт, одличните аранжмани на наши бисер композиции, создадени од маестро Владимир Николов и од пијанистот Гордан Спасовски ја одушевија публиката. Соло делниците беа особено поздравени со бројни аплаузи, овации, а логично се бараше уште од возбудливите партитури што мирисаат на минато и емоција вткаени во нова џез приказна. Македонци што живеат во Прага, но и Чеси љубители на џез музиката уживаа во овој музички разговор, внимателно подготвен да го промовира македонското современото џез творештво.
Деветка, Касапско оро, Калајџиско оро, Писмо до човекот со шишињата, инспирирано од орото Ратевка, а посветено на единствениот Зоран Маџиров, Lake Ohrid Lament (инспирирана од песната „Ој ти момче охриѓанче“) на Кочо Петровски и Иван Терзиев… се само дел од композициите што публиката посебно ги препознава и ги ужива на концертот.
Клупската атмосфера влијаеше за посебна возбуда и кај музичарите, кои сите до еден брилираа во своите соло настапи. Задоволството на добриот настап и комуникација со публиката не го криеја и диригентот Владимир Николов и директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски.

Концептот на Џез оркестарот да се претстави со концертот „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams) во три различни европски престолнини, се покажува како вистински потег.
Следна станица на џез музичарите е Виена, каде утревечер во 20.30 часот во популарниот џез клуб Porgy & Bess ќе биде заокружена турнејата „Македонски сновиденија“.
Фото: Маја Аргакијева














