Сетилен пат до иновација – одржана лего работилница за деца со оштетен вид

Здружението за развој на технологија, роботика и иновации (CTRI) во партнерство со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, реализираше уникатна инклузивна работилница под слоганот „Лего инклузија: Сетилен пат до иновација“. Работилницата отвора ново поглавје во современото инклузивно образование. За прв пат во Македонија се изработени специјално адаптирани тактилни лего-модели, создадени да им овозможат на учениците со оштетен вид да ја доживеат роботиката преку повеќе сетила — допир, звук, вибрации и Брајова азбука.

– Благодарение на интегрирани сензори за боја, децата можеа да препознаваат бои преку звучни сигнали и тактилни ознаки, а при секое движење на роботите се активираа различни аудио-индикатори. Така, секој ученик доби можност да истражува, создава и идентификува елементи на моделот преку инклузивна STEM методологија што ги поврзува сите сетила и ги буди нивните когнитивни способности, имагинација и логичко размислување – вели м-р Васка Медиќ, претседателка на Здружението.

Според неа, оваа иницијатива потенцира дека иновациите не постојат само за да ги напреднат технологиите — туку да го унапредат животот на луѓето.

– „Лего инклузија: Сетилен пат до иновација“ е силен доказ дека кога технологијата е достапна и приспособена, таа станува мост кон знаење, самодоверба и иднина без бариери. Особено сме им благодарни на учениците од основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“ од Скопје, кои со своето учество, поддршка и желба за заедничко учење, го направија настанот пример за вистинска инклузивна заедница во дејство – вели Медиќ.

Ова е почеток на долгорочна стратешка соработка на Здружението и „Димитар Влахов“. Нивната определба е да се развиваат уште повеќе адаптирани STEM материјали, да се креираат пристапни иновативни програми и да се обезбеди континуирана поддршка за учениците со оштетен вид да го освојуваат светот на технологијата.

– Овој проект е само прв чекор во изградба на национална платформа за инклузивна технологија визија во која секое дете има еднаква можност да учи, да твори и да успее. Ова не е само работилница. Тоа е модел на образование што покажува како со вистински пристап, креативни методи и соработка меѓу институции, се создава општество кое ги прифаќа различностите и ги претвора во сила, а не во пречка. Заедно градиме иднина каде што секое дете го има своето место на градилиштето на утрешниот свет. Технологијата е моќна тогаш кога е достапна за сите, а инклузијата е најголемата иновација што може да ја создадеме – вели Медиќ.

Сподели