Пренесувањето на традицијата и вредностите го чини ПК „Љуботен“ да е поразличен, бидејќи ретко кој од клубовите ја има таа прилика да постојат еден век. Тие моменти и заедништвото, нас не нè прават посебни, туку нè прават да сме пример на сите останати како да продолжат да опстојуваат и да функционираат – вели Јован Божиноски, претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“.

Кобилица, 1936 година
Сите планинарски клубови ги имаме истите цели и истите задачи и сите клубови на одреден начин се посебни. Сите ја сакаме планината, ја чуваме, живееме со неа. Спортуваме и се грижиме за животната средина. Се дружиме. Пренесувањето на традицијата и вредностите го чини ПК „Љуботен“ да е поразличен, бидејќи ретко кој од клубовите ја има таа прилика да постојат еден век, вели Јован Божиноски, претседател на планинарското друштво, кое годинава одбележува еден век постоење. Божиноски е член на клубот 30-ина години, од кои во последните 20 е и негов претседател. Во изминатите десетина години, бројот на членови во клубот се движи од 120 до 150 члена, а на 15 ноември (18 часот), ќе се одржи свечена академија во Домот на културата во Тетово.

Јован Божиноски
Со Божиноски разговараме за значењето на овој клуб и за предизвиците да се опстане еден век.
Што за вас значи овој јубилеј?
– Во 2000 година, се организираше прославата за 75 години ПК „Љуботен“. Тогаш за прв пат во својот живот директно учествував во подготовка на еден таков настан. Тогаш имав чест да ги видам и запознам ветераните на клубот. На таа прослава ја дознав големината на клубот, ја почувствував енергијата во тие лица кои тогаш имаа по 70-80 години. Нивните приказни ме внесоа во духот на постоењето на планинарскиот клуб „Љуботен“. Еден од тие стари членови низ муабет ми рече: „Дете, а како ќе биде кога ќе прославувате 100 години!?“. Тогаш си помислив „Е, еден ден ќе треба да се организира тој голем јубилеј“. Тој ден дојде. Овој јубилеј за мене, за нас, сите членови на клубот, значи чест и обврска. Обврска на која треба да дадеме почит на сите претходни генерации и обврска да направиме нешто што ќе остане за следните генерации членови на планинарскиот клуб „Љуботен“.

Караниколичко Езеро
Што го прави ПК „Љуботен“ посебен?
– Сите планинарски клубови ги имаме истите цели и истите задачи и сите клубови на одреден начин се посебни. Сите ја сакаме планината, ја чуваме, живееме со неа. Спортуваме и се грижиме за животната средина. Се дружиме. Пренесувањето на традицијата и вредностите го чини ПК „Љуботен“ да е поразличен, бидејќи ретко кој од клубовите ја има таа прилика да постојат еден век. Тие моменти и заедништвото, нас не нè прават посебни, туку нè прават да сме пример на сите останати како да продолжат да опстојуваат и да функционираат.

Кон Горна Лешница
Кои се најголемите достигнувања, според вас?
– Изминативе 100 години може да се издвојат неколку сегменти од функционирањето на клубот. Достигнувањата во првите 20 години од постоењето се значајни по визионерството за воспоставување на темелите на организација, по градењето на првите планинарски домови на Љуботен и Попова Шапка и по организирањето на првите планинарски тури и скијачки натпревари. Педесетите ги карактерзираат градбата на планинарските домови и прифатни куќи долж гребенот на Шар Планина и масовноста на членството. Достигнувањата во шеесетите и седумдесетите се големите слетови кои се организирале на Лешница, турите кои се одвивале низ тогашна Југославија и збратимувањето со планинарските друштва од регионите. Дефинитивно најголемо достигнување во осудесеттите е воспоставувањето на традиционалното искачување на Титов Врв, но и искачувањето на највисокоите врвови на Балканот, Алпите и Европа. Деведесеттите години ги обележуват формирањето на алпинистичката секција и искачувањето на наши членови на Килиманџаро. Последните дваесет години како достигнувања може да се издвојат проектните активноси насочени кон промоција на планинскиот туризам и заштитата на животната средина, големото реновирање и повторно ставање во функција на планинарскиот дом на Љуботен и планинрските тури на повисоките точки низ европа.

Илинденски слет на Лешница, 1964 година
Кои се најголемите предизвици во работењето и опстојувањето на вашиот клуб?
– Секоја активност е предизвик. Поделбата на обврските на членовите на клубот за одредени активности, кај секој од нас претставува предизвик. Предизвик може да е и сосем мала активност која треба да се спроведе според претходно дефинирани стандарди. Можам да кажам дека некогаш предизвик е и да се организира една вечерно дружење во просториите на клубот.
Успевате ли да ги привлечете и помладите да станат планинари и членови?
– Еден од нашите примарни цели е привлекувањето на младите. Денес планинрството станува сè поатрактивно. Младите се оние кои започнуваат да го практикуваат сè повеќе. Целта е истите да се насочат да стануваат дел од организирани активности, клубови или друштва, бидејќи само таму ќе можат да ги запознаат вистинските вредности на планината и планарењето. Изминативе неколку години имаме млади лица во клубот, но потребно е да се работи што повеќе со училиштата. Тука мислам дека и државата преку Министерството за образование во образовните програми ќе мора да воведе постојани активности на планина преку планинарење, кампување, скијање и сл.

Кои се најзаслужните луѓе низ историјата на овој клуб што имале важно влијание врз клубот?
– Секој кој што бил член на клубот е заслужен за постоењето и опстоењето на клубот. Секако дека се издвоуваат одредени лица кои во периодот од 100 години ја имале носечката улога во одредени активности. Но, и нив да ги наброиме, ќе е потребно повеќе време и простор. Тоа може секој да го види и дознае на нашата свечена академија по повод јубилејот.

Кон Мон Блан, 1982





