„Коцка по коцка квадрат“ од Валентина Илијевска во КИЦ

„Коцка по коцка квадрат“ е насловот на изложбата од Валентина Илијевска што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во продажниот салон во Културно-информативниот центар во Скопје. Најновиот ликовен опус на Илијевска со наслов „Принцип на квадрат“ како тема го издигнува на пиедесталот синото присуство на квадратот.

– Квадратот како облик и форма со децении е присутен во делата на многуте уметници, воедно и носител на различни содржински значења. Најпознато дело кое оваа форма ќе ја ослободи од сите предметни и психолошки асоцијации и со неа ќе отвори едно ново поглавје во модерната е „Црниот квадрат“ на рускиот сликар и теоретичар Казимир Малевич од 1915 година. Во него квадратот е творба на интуитивниот ум, местото на неговото раѓање е во полето на интуитивното, концептуалното мисловно делување, во доменот на чувствата, мислата и идејата – вели Драгана Спасковска, историчарка на уметноста.

Според неа, Илијевска преку симболот на квадратот ја вообличува основната идеја која е продолжение на досегашниот нејзин концепт, базиран на филозофски студии за прапочетоците на човековото постоење и опстојување. Суштината на човековите вредности и божествената природа на човекот, изразени преку апстрактниот, нефигурален ликовен јазик.

Валентина Илијевска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Мирко Вујисиќ. Магистрирала на ФЛУ на конзервација и реставрација на ѕидно сликарство во класа на проф. Благоја Кузмановски. Реализирала повеќе самостојни и групни изложби во земјава и странство. Живее и работи во Куманово како конзерватор и реставратор при Кумановско-осоговската епархија во делот за заштитата на културното наследство. Изложбата во КИЦ ќе биде отворена до 24 ноември.

Сподели