Вториот Саем за еколошки бизниси ќе се одржи утре и задутре во „Јавна соба“ во Скопје. Саемот го организира Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење Yes for Less во рамките на годинашната Skopje design week. Мото на саемот е „Циркуларен начин на размислување“ и е отворен и бесплатен за сите посетители. Тие ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени.
На саемот ќе бидат претставени природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали и други еко-алтернативи за секојдневна употреба. Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето, без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии.
– На Саемот се претставува дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk која им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место. Платформата промовира одржлив развој и граѓанско учество, нудејќи простор за размена на идеи и заедничко решавање на еколошките предизвици во земјата – велат организаторите.
Покрај изложбениот дел, Yes for Less ќе организира две тематски работилници во рамки на Skopje design week: „Дизајн за одржливост: Користење на дождовницата во секојдневието“ и „Еко-села за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот Кутмичевица од Вевчани – семеен етно-пансион кој ја спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.
– Во Македонија постојат бизниси со силна визија за придонес кон одржливиот развој. Целта е да ги поврземе со граѓаните и да ги охрабриме да направат барем еден зелен избор повеќе во своето секојдневие – велат од Yes for Less.
Настанот е поддржан од „Грин ленд груп“, лиценциран колективен постапувач специјализиран за управување со отпадни масла од автомобили и други возила.





