Поетски портрет на Бранко Цветкоски во Истанбул

Под наслов „Писма од Македонија“, во Македонскиот културен центар во Истанбул вечерва во 18.30 часот ќе се одржи поетски портрет на Бранко Цветкоски. Настанот е посветен на животот и творештвото на современиот македонски поет, книжевен критичар и преведувач, автор со богат меѓународен опус и со над четириесет издадени книги. Модератор на вечерта ќе биде Мите Стефоски, уметнички директор на Струшките вечери на поезијата.

Публиката ќе се запознае со поетскиот универзум на Цветкоски, свет исполнет со тивки човечки приказни, интимни чувства и длабоки поетски согледби кои ги спојуваат духовноста и современоста на македонскиот збор.

Бранко Цветкоски е поет, есеист и преведувач роден во Слатино, Охридско, во 1954 година. Работел како новинар, уредник и издавач, бил директор на Македонскиот народен театар и основач на повеќе книжевни институции и издавачки куќи. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а меѓу бројните признанија што ги има добиено се наградите „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“, „Христо Ботев“, „Владимир Мајаковски“, „13 Ноември“, „Свети Климент Охридски“ и „Григориј Сковорода“

Сподели