„Асоцијативни апстракции“ од Марјан Стојаноски во Куманово

Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово отворена е изложба на слики од Марјан Стојаноски. Под наслов „Асоцијативни апстракции“ тој се претстави со циклус од дваесеттина слики работен во последните две години. За неговото творештво сликарот Тони Чатлески вели:

– Во најновиот циклус на Марјан Стојаноски линијата добива статус на жив организам — таа трепери, пулсира и го води гледачот низ еден слоевит свет на симболи, архетипови и интимни кодови. Секој потег делува како запис од некоја изгубена азбука, како визуелен документ на внатрешна археологија во која авторот копа по значењата на формата, идентитетот и меморијата.

Стојаноски успева да го задржи балансот меѓу контролираниот хаос и јасната визуелна мисла. Неговите композиции, иако на прв поглед спонтано фрагментирани, во суштина се длабоко структурирани – во нив се чувствува архитектура на линијата, ритам на повторување и контрапункт меѓу празнината и обликот – пишува Чатлески.

Марјан Стојаноски (Прилеп, 1983), дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул“ од друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Реализирал многу изложби. Живее и работи во Прилеп. Изложбата во Куманово ќе биде отворена до 13 ноември.

Сподели