Покрај делото на Сервантес голема инспирација беа шпанскиот и македонски фолклор кои ги споивме на еден иновативен начин. Долго и темелно ја проучувавме шпанската култура од повеќе географски предели на земјата, научивме многу и тој процес ни отвори сосема нов музички свет полн со идеи – велат Дино Имери и Дијана Илкоска Имери, чие ново дело ќе биде промовирано вечерва во 19 часот во Националната опера и балет на настанот „Дон Кихот во Скопје“
Мултимедијалниот настан „Дон Кихот во Скопје“, што ќе обедини концерт, премиера на македонско дело, изложба на уметнички слики и скулптури, како и промоција на книга, ќе се случи вечерва во 19 часот во фоајето на Националната опера и балет. Настанот е во чест на Денот на Шпанија, 12 октомври, а е инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес. Ќе бидат изложени уметнички слики од познатата колекција „Дон Кихот“ на реномираниот уметник Владимир Георгиевски (1942-2017), во чии дела користена е фундаменталната мисла на метафората на главниот јунак, Дон Кихот: „Да се спаси човештвото од сите зла и болештини за среќа на сите луѓе на светот“. Ќе бидат изложени и нови скулптури на младата уметница Јана Николовска, а ќе има и промоција на илустрирана книга за деца „Дон Кихот“, на македонски јазик.

Автори на концертот за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар со наслов „Дон Кихот во Скопје“, се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават: Дино Имери на пијано, Ади Имери на гитара и Тина Иванова, наратор и автор на текст.
Поразговаравме со Дино Имери и Дијана Илкоска Имери, токму в очи премиерата на нивното дело. Ова не е прва соработка за нашите музичари со шпанската амбасада во земјава. Овој пат сакале да создадат целосно ново дело инспирирано од едно од најепохалните дела од шпанската и светска литература „Дон Кихот”.
– Симболиката на приказната на Сервантес идеално се вклопи во концептот, но и се поклопи со случувањата од нашиот приватен и професионален живот. Сметавме дека е одлично време да го „повикаме” Дон Кихот и да го замолиме да ни помогне во борбата со трите ветерници на современието – лицемерието, неправедноста и рамнодушноста преку нивните спротивности – искреноста, љубовта и правдољубието. Така се роди ова дело чиј живот започнува со премиерата во Скопје, а продолжува со изведби во Париз каде треба да го изведе престижен камерен современ ансамбл и преговори за изведби во неколку европски земји – велат авторите.

Му посакувам на секој уметник барем во еден период од својот живот да доживее ваква радост во процес на создавање. За мене ова искуство беше навистина посебно и вредно, а се одвиваше многу природно и ненаметливо, вели Дино.
– Покрај делото на Сервантес голема инспирација беа шпанскиот и македонски фолклор кои ги споивме на еден иновативен начин. Долго и темелно ја проучувавме шпанската култура од повеќе географски предели на земјата, научивме многу и тој процес ни отвори сосема нов музички свет полн со идеи. Всушност, наидовме на многу сличности и сродни алки помеѓу двете култури кои, доколку се употребат на правиот начин, можат да создадат сврзно ткиво кое ја обединува приказната и музиката. На секој најмал детаљ од партитурата работевме заедно и секојдневно, постојано се надоврзувавме во идеите и решенијата, се инспириравме да ги надминеме предизвиците со љубопитност и во духот на истражувањето – вели Имери.
Тие посочуваат дека одличниот текст на Иванова се „залепил” идеално на музиката, а приказната доби уште една димензија со вклучувањето на сликите на нашиот доајен Владимир Георгиевски кому Дон Кихот беше централна тема.
– Предизвиците да се реализира ваков проект се навистина огромни, особено ако земеме обзир дека ние сме самостојни уметници и позади нас не стои ниедна продукција или менаџмент. Но, од непроценлива вредност беше ангажманот на сите вклучени лица, луѓето од Амбасадата на Шпанија како и Националната опера и балет која срдечно го вдоми овој проект во својот објект и ни ги отвори вратите за да ја поставиме оваа наша премиера. Се надевам дека „Дон Кихот во Скопје” ќе доживее и повеќе репризи, а којзнае – можеби еден ден ќе прерасне во уште поголемо музичко-сценско дело на кое сите ние ќе се гордееме – сподели Дијана.

На прашањето каков предизвик е да се работи заедно и професионалниот пат да им се преплетува на двајца музичари што го делат и приватниот живот.
– Заемната поддршка со Дијана е безрезервна и најзначајна. Ние растеме секојдневно и се поттикнуваме еден со друг да бидеме, пред сѐ, здрави, радосни и иполнети личности. Што се однесува до професијата, со зрелоста сфаќате дека професионалниот пат многу често не зависи од вашите квалитети, посветеност и стремеж. Особено во денешно време уметниците се често маргинализирани и релативизирани, најчесто од страна на луѓе кои се „залутани” во професијата. Штетите се големи кога луѓе со необликувана личност добиваат ингеренции да носат одлуки кои, се чини, ги прелеваат нивните лични фрустрации. Со нанесување зло на друг тие не можат да ја пополнат внатрешната празнина. Сигурен сум дека тоа е тешка егзистенција. Се трудам во своето срце да имам што повеќе емпатија, разбирање и љубов за нив – ним тоа им е многу потребно – вели Дино.
До крајот на годината тој го најавува концертот со неговиот колега, виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ од Србија. А Дијана работи на неколку нови аранжмани и композиции.
Дијана Илкоска Имери неодамна доби позитивен одговор од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација која утврди дека имало нерегуларности при нејзиното отстранување од работно место во Филхармонијата. На прашањето дали се чувствува како победник или најмалку дава добар пример и за сите идни колеги, таа вели:
– Во битка во која излегува на фронт институција против уметник, каков и да биде крајниот исход сите се губитници. Целата поента на моето барање на правда и користење на сите правни механизми кои ми се достапни не е да извојувам некаква победа, туку да го одбранам својот личен и професионален интегритет за којшто во повеќе наврати постоеја обиди за негово нарушување и оцрнување. А понатаму, со самото тоа и поставување на пример за идните генерации кои допрва ќе ги искусуваат предизвиците што оваа, а и секоја друга професија ги носи – да се борат за своите цели и идеали ако се сигурни и убедени дека правдата е на нивна страна, како што бев јас. За оние кои ќе одлучат да стапат на функција да внимаваат, затоа што пред сѐ функцијата носи морална и етичка одговорност.





