Швајцарскиот музички состав состав Tout Bleu (Ту бле), ќе настапи утревечер во 21 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Настапуваат Симон Обер, вокал, гитара, дрампад, Лучано Турела, виола, Беатриз Раимундо, чело, ефекти, ПОЛ – електроника и семпинг.
„Ту бле“ започнува како проект на Симон Обер, мултиинструменталистка од Женева, позната по својата работа во „Масико“ и Hyperculte – бендови кои го дефинираа новиот бран на швајцарската авангардна и DIY сцена. Од истата заедница произлегуваат издавачите и колективите како Bongo Joe Records и Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp кои го поврзуваат експерименталниот звук на градот со пошироката европска алтернативна сцена.
Вкусно чудни вибрации од Швајцарија. „Ту бле“ повикува на морничави виолончела, прекинати битови и оперски вокали во бранови на пасторален дарквејв.
„Ту бле“ ја слават слободата на звукот и просторот без ограничувања и компромиси. Се движат со силен ритмички пулс, хипнотични гудачи (виола и виолончело) и етеричен вокал со надреална димензија, кој трепери помеѓу шепот и крик. Нивната музика вткајува размислувања за времето, отпорот и колективната свест, создавајќи звучен пејзаж што се протега од кревка акустика и суптилни мелодии до експресивни електронски и пост-панк текстури. На сцената, оваа четворка вибрира како едно тело, истовремено ранливо и моќно, во интимен ритуал што повикува на движење и транс.
Организатор на настапот е „Розе кадилак“.





