Апстрактни скулптури од Александар Ефтимовски трајно изложени во МКЦ

Апстрактни скулптури од Александар Ефтимовски се трајно поставени во Младинскиот културен центар во Скопје. Ефтимовски е автор со големо интернационално искуство. Во неговото досегашно ликовно творештво има изработено скулптури во голем формат, поставени во повеќе од 30 европски и светски држави.

Делата „Секвенца“, „Овални меки“ и „Импулс“ се создадени за МКЦ, изработени се од метал и се со големина од 1 метар.

– Површината на скулптурите е третирана со различни раствори за оксидација која го нагризува металот на различен начин и создава различен колорит на кафено – портокалова нијанса која додава игра и динамика на самите форми. Овој проект претставен во плиток релјеф преку иновативниот начин на интервенција врз материјалот создава илузија на третата димензија преку својот кјароскуро (светло-темно) ефект – велат од МКЦ.

Проектот е резултат на соработката на Ефтимовски со раководителот на ликовниот сектор на МКЦ, Горјан Ѓоргиев – преку делата да се промовираат ликовни уметници во нашата средина.

Ефтимовски претходно во МКЦ ги реализирал изложбите „Фрагментум“ и „Точки на гледиште“. Проектот е реализиран со сопствени и средства од Општина Центар, и поддржан од МКЦ, Борјан Сандревски и Фамилија Ефтимовски.

Сподели