Во хотелот „Аполонија“ во Гевгелија, вечерва во 19 часот ќе се одржи концерт посветен на композиторот проф. д-р Томе Манчев. Концертот ќе прикаже дел од творечкиот опус за камерни ансамбли и солистички дела на композиторот со што ќе му се оддаде почит во неговиот роден град Гевгелија. Низ делото и творештвото на композиторот публиката ќе ја спроведе музикологот, проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска. На концертот ќе бидат изведени делата: „Санаториумска балада“ циклус за глас и пијано (1974/5, текст: Матеја Матевски), Соната „Ламентозо“ за виолина и пијано (1989), „Два става“ за виолончело и пијано (1976), „ДД…“ за соло флејта (2002), „Монолог и Дијалог“ за соло фагот (2002/3) и „Интрада и капричо“ за сопран, виолина, виолончело, кларинет и пијано (1998/9). Ќе настапат: Ангела Андовска – сопран, Горан Начевски – баритон, Јана Каевска – флејта, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот, Мартин Димитров – виолина, Маја Михајловска – виолончело, Елена Атанасовска Ивановска – пијано и Ивона Базгалоска – пијано.
Преку овие дела ќе се претстават двете творечки фази на композиторот и со мал фрагмент ќе се пренесе дел од исклучителната музика на проф. д-р Томе Манчев.
Иако својата музичка дарба ја манифестирал многу рано, оддалеченоста од специјализираните центри за музичка едукација била причина активното занимавање со изучување на музиката да го започне релативно доцна, по завршувањето на гимназијата. Затоа, пак, интензитетот на тој допир бил и силен и екстензивен. На тогашната Висока музичка школа во Скопје, најнапред дипломирал на наставно-теоретскиот, а потоа на композиторскиот оддел во класата на академик проф. Властимир Николовски. Во последните години од студиите посетувал повеќе семинари и курсеви (Грожњан – Хрватска, Општин – Полска) каде што ги слушал предавањата на големите мајстори на композиторскиот занает на дваесеттиот век: Витолд Лутославски (Полска), Пјер Шефер (Полска), Андре Лпорт (Белгија), Најџел Осборн (Англија) и др. Од 1980 до 1981 година Томе Манчев специјализира композиција во Прага, во класата на Јиржи Дворжачек, а од 1982 до 1988 г. во класите на Јиржи Дворжачек и Јозеф Церемуга каде што дипломира на највисокиот степен на студии: уметничка аспирантура на Прашкиот музички факултет.
Во 1999 година станува доктор на музички науки на Државната академија „Панче Владигеров“ во Софија (Р. Бугарија), под менторство на Димитар Сагаев со трудот „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“. По дипломирањето Манчев, паралелно со творечката, развива богата педагошка дејност во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што освен предавањето, дел од главните стручни предмети (оркестрација, познавање музички инструменти, основи на оркестрацијата, техники на компонирање на XX век, анализа на музичко дело, методологија на научно истражување и др.), води и своја композиторска класа. Впечатлива е и научната и публицистичка дејност на Манчев. Освен книгата „Движењето, суштински елемент во симфониското творештво“, како и коавторството во монографијата на академик Тодор Скаловски, со свои трудови настапувал на повеќе меѓународни симпозиуми, а дел од нив се печатени во нашите стручни списанија и публикации. За своето творештво е добитник на повеќе државни награди. Во текот на својот живот е активен музички композитори, музички писател и општествен деец како член во управните тела на ЗАМП и СОКОМ.





