Во Градски парк промоција на едукативната боенка „Скопје – палеонтолошки град“

Во Градски парк кај Школка денеска во 11 часот ќе се одржи промоција на едукативната боенка „Скопје – палеонтолошки град“ од авторката Биљана Гаревска и илустраторката Бисера Наумовска. Боенката е намената за сите млади кои сакаат да го откријат светот на палеонтологијата, да научат за диносаурусите, мамутите и многу други животни кои се одамна изумрени, бидеќи на интересен и креативен начин ги воведува во живиот свет на минатото. Ќе дознаат што се фосили, како да ги најдат и препознаат, на кој начин се врши нивното истражување од страна на палеонтолозите, местата во Скопје кадешто се пронајдени нивните остатоци и каде можат да ги видат тие фосили откако се ископани.

Како основа за илустрациите се земени вистински фосили кои може да се видат во Природонаучниот музеј во Скопје. Во палеонтолошките тајни ги воведуваат Ана и Јане, кои како млади палеонтолози истражувачи се обидуваат да им помогнат на најмладите во нивните сознанија за оваа наука. Боенката е издание на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „Хаемус“, а уредник е Василка Димитровска. Промоцијата е дел од настанот „Ден на граѓанските организации 2021“, организиран од „Цивика Мобилитас“.

Сподели