Приказната е објавена во рамките на серијалот „Умни млади“ што Умно.мк го реализира во соработка со Europe House Skopje
Спортот и физичката активност се секојдневие на граѓаните на Крива Паланка. Во последните години и младите планирано и активно спортуваат и ги препознаваат позитивните придобивки, вели Димитар Петровски, менаџер на настани во Europe House Крива Паланка. Од 23 до 30 септември во стотици градови низ Европа се одбележува Европската недела на спортот, а годинава и Europe House Крива Паланка активно се вклучува со своја програма.
Соработка со клубови, спортски работници, здруженија
„Be Active Day“ е во рамките на националниот фитнес ден, заедничка активност на Europe House со ТАКТ/ Ќе бидат организирани интервјуа со млади спортисти од Крива Паланка, ќе зборуваат за значењето на спортот и физичката активност за младите. На Саем на спортови ќе се претстават локални и регионални спортски клубови во екипни и индивидуални спортови. Целодневен тренинг „Спорт за развој-спорт за инклузија“, стрит-спорт и рекреативен спорт, скејтинг, велосипедизам, планинарење, исто така ќе бидат организирани. Петровски вели дека младите многу се интересираат за кошарка, пинг-понг во двата клубови, карате и кик бокс.
– Ракометниот клуб е релативно нов, но има повеќе од 50 дечиња. Локалниот фудбалски клуб претежно работи со младинци. Младите рекреативно играат тенис. Повозрасните, пред сѐ, членуваат во двата планинарски клуба, а во последно време може да се забележи побројно присуство. Велосипедизам и пешачење се редовна активност на кривопаланчани. Активно се користат сите спортски терени, новата тартан атлетска патека на Градскиот стадион, неколкуте уредени пешачки патеки, велосипедско-ролерска патека, скејт-паркот и други – споделува Петровски.
Треба вложување и поддршка на клубовите
На прашањето што им недостига на граѓаните за да спортуваат или да се рекреираат што е можно повеќе, Петровски вели дека еден од проблемите е надоместокот што се плаќа за користење на спортската сала и дел од терените за спорт.
– Потребна е реконструкција и ставање во функција на градскиот базен, да се изгради затворен, да се стави греење во спортската сала и да се изгради уште една, да се изградат трибини на Градскиот стадион. Потребни се поголеми финансиски вложувања, помош, спонзорства за клубовите, промоција на истите, бидејќи во моментов најголемиот дел од нив се самофинансираат – објаснува Петровски.
Според него, особено е важно да се создаде стратегија за развој и унапредување на условите во спортот во Крива Паланка во што сите засегнати активно ќе учествуваат.
Еден од најактивните спортови во овој град е кошарката. Веќе 15 години функционира клубот „Крива Паланка“ кој создава успешни млади кошаркари. Дел од нив веќе градат и меѓународна кариера. Овој клуб заедно со уште 30-ина од различни клубови, училишта, невладини организации се дел од локалното партнерство „Спорт за сите“, пилот-програма што ја имлементира ТАКТ (Together Advancing Common Trust). Токму Крива Паланка беше првата општина што пред две години почна да ја спроведува програмата.
„Спорт за развој“ – програма што дава одлични резултати
Ирена Белешковска е локална инструкторка и тренер во КК „Крива Паланка“. Со помош на „Спорт за развој“ се уредени и неколку локации за спорт, препознатливи катчиња во општината кои ги поврзуваат заедниците и создаваат нови можности за маргинализирани групи дечиња, со акцент на дечињата од руралните средини за да може активно да бидат вклучени во заедницата.
– Оваа програма отвори нови можности за развој на младите преку спорт, со поттикнување, развој и унапредување на вештини кои понатаму се рефлектираат со нивниот личен раст и развој. Како тренер сведочам со примери за повеќемина наши млади лидери и играчи од клубот, кои во овие три години постигнале видни резултати благодарение на унапредувањето на нивните капацитети. Кошаркарките Михаела Алексовска, Божица Стоевска, Ксенија Петревска, Матеја Додевска напредуваа многу. Од младинските лиги прераснаа во првотимки, играчи во сениорскиот женски прволигашки состав на КК „Крива Паланка“, со засилена самодоверба, зајакнат тимски дух, а дел се и од кадетската женска репрезентација. Тие сочинуваат една третина од истата, со која освоија златни медали на одиграниот ФИБА челенџ турнир во Тбилиси, Грузија, во август. Алексовска на овој турнир ги истакна и зајакнатите лидерски потенцијали и беше прогласена за МВП – најкорисен играч на турнирот, додека Стоевска со лидерство во тимот до 16 години кој освои шампионска титула во државното кадетско првенство во јуни 2021, беше МВП во својата генерација во Северна Македонија – вели Белешковска.
Белешковска заедно со младите кошаркарски таленти
Таа објаснува дека Ивана Давитковска, која потекнува од рурална средина оддалечена 40 километри од градот, престојува во интернатот во градот. Минувајќи низ школата на клубот и програмата „Спорт за развој“ таа денес е мотивиран млад лидер со јасни цели пред себе. Игра во младинските лиги до 16 години, со отворени можности за уште поголем напредок. Младиот лидер Теодор Ивановски кој две години бил дел од програмата, веќе напредувал во помлад соработник-помошник и веќе води младински тренинзи. Стефан Гацовски, 14- годишен, со зајакнати лични вештини прераснал во лидер на генерацијата. Двајцата денес живеат во Германија, но и таму предничат во својата средина и заедница и продолжуваат да го трасираат својот личен раст и развој.
– Вакви примери има повеќе, но едно е јасно – дека „Спорт за развој“ во Крива Паланка донесе свежина во работењето и светлина во растењето на младите. Соработката помеѓу сите чинители во оваа програма е одлична. Соработуваме со тренерите од клубовите, со професорите, наставниците од училиштата, со кадар од НВО-секторот, зајакната е и меѓусебната доверба, а секако, што е најважно, отворени ни се вратите за соработка и размена на искуства во регионални рамки и пошироко. Кампањите од типот на Европска недела на мобилност, Национален фитнес ден, Be active day, одбележувањето на значајни датуми како Светски ден на здравјето и слично може да послужат како одличен стимул група луѓе да одбере активност прилагодена на своите потреби и можности и истите да продолжат да ја практикуваат. Од друга страна, пак, што поголемата видливост и застапеност на спортот во медиумите, како и промоцијата на позитивни примери во оваа област, со сигурност ќе даде ефект за да се поттикнат граѓани да рекреира или спортува. Промените се прават чекор по чекор, но важно е да почнат. Мислам дека ние сме на добар пат да ги предизвикаме и во догледно време да бидеме носители и двигатели на промените за добро на целата заедница и нација – вели Давитковска.
Мотивацијата е пресудна
Мотивацијата за која било активност на човекот е пресудна, бидејќи Крива Паланка во изминатите години доби повеќе спортско-рекреативни содржини, спортска инфраструктура адекватна за практицирање на речиси сите видови спортови, од професионални, до рекреативни.
– Спортот е здравје, стил на живот, климата, поднебјето, конфигурацијата на теренот, надморската височина во Крива Паланка се идеални за рекреација, за спорт и здрав стил на живот. Недостига поттик, можеби едукација за важноста и значењето на спортот и активноста на луѓето што не се занимавале со каков било спорт во нивниот живот. Сите здравствени придобивки што физичката активност ги нуди би требало преку своевидни непосредни активности од најразличен вид, можеби трибини, дискусии на оваа тема да им се претстават, предочат и доближат на граѓаните, за да се зголеми процентот на активни луѓе кои рекреирајќи се ќе ги намалат ризиците од заболувања и други последици што ги носи неактивноста на нивниот организам – вели Белешковска.
Според Магдалена Спасовска, национален координатор на „Спорт за развој“ и претседател на ТАКТ, едукацијата за тоа зошто спортот и рекреацијата се важни мора да започне уште од школските клупи. Затоа тие во рамките на програмата директно се посветени на едукација на наставници по спорт од основните и средните училишта.
– Доколку училиштето не го сфати сериозно спортот и рекреацијата на учениците, ќе бидеме изложени на ризик нашите млади да не го остварат својот потполн потенцијал за правилен раст и развој. Многупати ќе слушнете дека физичкото образование не е важно, но забораваме дека ако немаме здрави млади луѓе ќе немаме ниту здрави возрасни луѓе. Ќе имаме оптоварен здравствен систем со болести кои пред сè настануваат како резултат на физичка неактивност. Затоа сметам дека едукацијата на наставниците, родителите и децата мора да биде приоритет – вели таа.
Во рамките на оваа програма веќе се реализирани повеќе од 100 сесии, а во програмта бесплатно се вклучиле повеќе од 200 млади од градот. Според Спасовска, особено е важно да се обрне внимание на учество на девојките и жените во споротот и рекреацијата. Истражувања покажуваат дека девојките кои биле спортски активни во своето детство и младост бележат значително поголеми успеси во животот и работното место за разлика од оние кои се неактивни.
– Општината мора да ја разбере важноста од простори за рекреација и акции кои ќе поттикнат рекреација. Во рамките на „Спорт за развој“ ние помогнавме во уредување на повеќе од 5 локации за спорт и рекреација. Дополнително општината посвети посебно внимание на креирање на нови и подобрени места за рекреација и спорт и места за развој на авантуристички спортови. Повеќе европски акции веќе се дел од агендата на општината, прославата на Национален фитнес ден и оваа година беше одбележан на 23 септември, а тука е и Неделата на мобилонст како и одбележувањето на Европската недела на спортот – завршува таа.