Робот-кучето АВВИ, главна атракција на научниот караван „Наука за деца“

Караванот утре во 11 часот е во основното училиште „Димката Ангелов – Габерот“ во Кавадарци, а во 14 часот ќе се дружат со основците во „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија

Тимот на „Наука за деца“, робот-кучето АВВИ и младиот Александар Динев утре ќе одржат работилници во Кавадарци и во Гевгелија. Во 11 часот се во основното училиупте „Димката Ангелов – Габерот“ во Кавадарци, а во 14 часот ќе се дружат со основците во „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија. Работилниците се дел од Научниот караван „Наука за деца“. Како поминаа минатиот викенд во Куманово и во Тетово, што правеа, како децата реагираа на АВВИ раскажува м-р Драгана Стикова, директорка на Фондацијата „Кантарот“, раководителка на „Наука за деца“ и дел од тимот што ги држи работилниците.

– Оваа година се роди идејата „Наука за деца“ да ја прошетаме во другите градови низ Македонија. Караванот е замислен како предвесник на 4. Конференција „Наука за деца“ и претставува најава за тоа што ќе се случува на 17 и 18 октомври во Меѓународното училиште НОВА – вели Стикова.

Таа објаснува дека идејата на караванот е децата да имаат една кратка, ама слатка прошетка во светот на науката преку едноставни и забавни експерименти.

– Главна атракција на караваните е робот-кучето АВВИ, кое ги привлекува децата како магнет. И покрај поројниот дожд во Куманово, најупорните деца за наука дојдоа, имаше многу насмевки и многу „вау“. Им благодариме на Куманово и Тетово што ни беа отскочна штица, атмосферата и возбудата на децата ни сè уште поголем мотив за Кавадарци и Гевгелија. Се надевам дека караваните нема да застанат тука, веќе добивме покани од неколку училишта да гостуваме и кај нив, веројатно по завршувањето на конференцијата или напролет кога времето ќе биде поубаво – вели Стикова.

Во караваните тие соработуваат со инфлуенсерот Александар Динев за што повеќе деца да заинтересираат за наука.

– Целта на „Наука за деца“ е да допреме до сите деца. Свесни сме дека повеќето од нив се на ТикТок, а ние немавме ТикТок-канал. Затоа решивме да се поврземе со најголемиот инфлуенсер на ТикТок, Александар Динев. Тој со задоволство ја прифати поканата, имаме многу убава соработка и заедно се обидуваме да им ја доближиме науката на децата. Сега и „Наука за деца“ е на ТикТок (https://www.tiktok.com/@naukazadeca.mk) и се надеваме дека ќе допреме до уште повеќе деца – вели Стикова.

„Наука за деца“ организира работилници за основци веќе неколку години во повеќе општини во Македонија. Во 2022 година во Скопје се одржа првата НЗД конференција. Тимот на конференциите гледа како начин да ги мотивираат децата повеќе да се интересираат за наука, да истражуваат, да се прашуваат, критички да размислуваат, да споделуваат идеи со други деца, а и со возрасни.

(В.И.И.)

Сподели