Скопје на 5 октомври ќе биде домаќин на рекорден број пријавени учесници – повеќе од 14.000 натпреварувачи од 58 земји ширум светот, што претставува историски рекорд за најголемиот спортски настан во државата, „Виз Ер Скопски маратон“. Најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, при што третпат по ред доминираат жени – нешто што претходно не било случај. Во маратонската и полумаратонската трка, пак, поголем дел од учесниците се мажи.
На пресот беше истакнато дека поради зголемениот број учесници, годинава стартот на трката на 5 километри (почеток 8:00 часот) ќе биде поместен на семафорите кај Црвен крст, на булевар „11 Октомври“ во правец на Кисела Вода. Патеката останува иста, но со оваа измена ќе се избегне моментот на тесно грло и разминување на натпреварувачите и ќе се овозможи маратонците, полумаратонците и учесниците во штафетната трка, во 8:05 часот комотно да ја стартуваат својата трка.
Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ги зголемува важноста и престижот на настанот. Долж целата патека ќе има 26 музички точки кои ќе создадат уникатна атмосфера за тркачите и навивачите, а на секои 850 метри ќе бидат поставени освежителни станици со вода, електролити, овошје, маслинки, шеќер и други потребни продукти за тркачите.

Директорот на „Виз Ер Скопски маратон“, Кире Синадиновски изјави дека 21. издание е посебно поради рекордниот интерес и фактот што манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот.
– Оваа година се пријавени повеќе од 14.000 учесници од рекордни 58 држави, што е апсолутен рекорд, а особено радува фактот што на трката на 5 км, со над 10.000 учесници, третпат по ред доминираат жени. Тоа е јасен показател за големиот интерес кај дамите за рекреативното трчање. Од друга страна, кај маратонската и полумаратонската трка и натаму доминираат мажи. Во маратонската трка ќе учествува и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе биде еден од фаворитите заедно со Кенијците и атлетичарите од Балканот. Со голема гордост можеме да кажеме дека Скопје во недела ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците на градот,“ изјави Синадиновски.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека Владата и институциите секогаш ќе застанат зад вакви манифестации кои ја промовираат Македонија во најдобро светло.
– Драго ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиската поддршка и покровителството, туку и со целата потребна огранизациска поддршка. Јас секогаш сум за тоа да се поддржуваат вакви манифестации, кои што промовираат спорт и што е поважно од самите спортски резултати, се промовираат вистински вредности, кои што треба да се втемелени во генот на нашите дечиња. „Виз Ер Скопски маратон“ е пример како спортот може да обедини и да испрати позитивна порака за нашата земја. Овој настан е гордост за сите граѓани и е симбол на здрав дух, енергија и спортски вредности – истакна Ристовски.
Претседателот на Сојуз на спортови – Скопје, Зоран Стојановиќ ја потенцираше поддршката и помошта од Министерството за спорт, на чело со министерот Ристовски.
На настанот се обрати и Бен Нупнау, заменик на амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, кој потенцираше дека маратонот е повеќе од спортски настан.
– Ни претставува голема чест што и оваа година ќе можеме да го поддржиме Скопскиот маратон, кој започна уште во 2007 година, а од 2019 година даваме поддршка на традиционалниот штафетен маратон. Европската унија не само што дава институционална поддршка на Скопскиот маратон, туку имаме и тркачи од таканаречениот ЕУ тим, кои што ќе учествуваат на маратонот во недела. Виз Ер Скопски маратон е мост што ги поврзува луѓето преку спортот и заедништвото. Тој ја носи европската порака за инклузија, еднаквост и солидарност. Чест ни е што ЕУ е дел од оваа приказна која инспирира и ги сплотува граѓаните – изјави Нупнау.
Во рамките на „Виз Ер Маратон Експо 2025“, стартните пакети за учесниците ќе се издаваат од вчера до сабота, во шопинг центарот „Дајмонд мол“, во период од 10 до 20 часот. Стартниот пакет може да се подигне лично или друго лице да го стори тоа во име на учесникот. При подигањето задолжително е да се приложи QR кодот кој ќе биде испратен на е-маил (на 30 септември) или копија од важечки документ за лична идентификација (лична карта или пасош за странските учесници). Организаторите потсетуваат дека на денот на трката нема да има можност за подигање на стартни пакети.





